15. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Пораките од САД

Ќе се обидам да ги сублимирам пораките кои ни ги упати САД во текот на обраќањето на сенаторот Крис Марфи, при неговата посета пред некој ден, која, меѓудругото е втора средба меѓу него и премиерот, во рок од само три недели.

1. Прво, самата зачестеност на комуникациите и пораките од високите претставници од САД (Ескобар, Агелер, Марфи и други), како и зачестеноста на средбите, сугерира дека дошло време да се тргне лончето од ринглата, за да не претече млекцето на Мицко, па сите да се попариме;

2. Второ, квалификувањето на претходната посета кога Ковачевски беше во Вашингтон, дека била од “ГОЛЕМА ВАЖНОСТ” и дека била “ТРИУМФАЛНА”, јасно укажува дека перфомансот на нашата делагација е оценет како особено квалитетен, пријателски, консеквентен и победнички. Односно, дека земјава преку нејзините преставници покажала бескомпромисност во релизација на целите и интересите на САД и РСМ, на НАТО, на ЕУ. Вакво признание, мили мои, треба многу да не радува. Вакви комплимети, не се даваат туку така. Треба да се заслужат, со активно делување. Препознаени и уважени се тие напори!

3. Сенаторот рече дека дошол тука затоа што САД треба да се осигура оти патот на земјава во ЕУ ќе продолжи да се одвива непречено.

“ДА СЕ ОСИГУРА” , другарчиња, дека пораките што ги упатуваат до нас и посебно “ДО СОБРАНИЕТО” се примени и разбарани!

Да се осигура, дека Пратениците и сите ние не сме оглувеле! Тој вели дека САД ќе дава поддршка на “ВАШАТА ОДЛУКА ДА СЕ ПРИКЛУЧИТЕ КОН ЕУ И ВЕ ПОВИКУВАМЕ ДА ГИ ПРЕЗЕМЕТЕ ПОТРЕБНИТЕ ЧЕКОРИ ЗА ДА ГО ОВОЗМОЖИТЕ ОВА ПРОШИРУВАЊЕ”. Ако не му јасно некому што ова значи, мислам дека има сериозен проблем со резонот, покрај оној со слухот.

4. Доколку пак не се деблокира патот кон ЕУ, САД, потсетува дека претстстои голем, реален ризик – оти може да биде загрозена уште повеќе и така предизвикувачката безбедносна атмосфера во оската на корпусот долж НАТО, САД и ЕУ. Имено, тој изјави:,” Украина не може да влезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот и затоа ова е нова реална можност за проширување, а Северна Македонија не треба да ја пропушти оваа прилика”…

Поточно, рече дека ова е последната шанса за евроатлантските аспирации и вредносни платформи да бидат конгрегирани во еднинствен меѓународно политички простор и дека сите мора синхроно да делуваме затоа што времињата се опасни и загрижувачки.

Па да запрашам, дали тоа опозицијата, предводена од Војвода Мицко Трети има намера да ги предизвикува овие гигантски тенденции на геополитичката шах табла? Ако е така, .тогаш јасно нека се произнесе, нека ја превземе во целост одговорноста од последиците и секако предизборно да ни го презентира генијалниот план за да знаеме како ќе опстоиме понатаму.

5. Суштински битно е да се обрати внимание на тоа дека уставните измени, со право ги нарече “ТЕХНИЧКИ”, и ги нарече најдобрата понуда….

Мислите дека е тоа без причина? Јас мислам не е без призчина. Овде треба јасно да ни биде дека ако ја испуштиме шансата за да ја префрлиме топката надвор од “опасната зона”, следната понуда би била далеку посуштинска, поризична и многу пофрустирачка-т.е нема веќе да е техничка! А во една таква друга понуда, всушност би се реализиирале фантазиите на Мицкота со четата му егзибиционисти – од кои после нема да има враќање назад. Или, реално би се оствариле црните мисли на Мицко, само што, ќе биде и очигледна големата жртва (бонус) која ќе дојде сама по себе во едни такви состојби на сеопфатен етнички предзнак, што на некој начин ја затвора цената на чинење за амбициите на Мицкоски – кои освен лукративни амбиции немаат ама баш ништо суштинско и перспективно во себе.

Како и да е, она што не ми е јасно, а би сакала да ми се разјасни е едно прашање: Дали слепите мицкови јавачи не го предвиделе и процениле политичкиот момент, па прават политичка грешка или сето ова им е кристално јасно (сепак таму има сериозни луѓе кои се долги години во политиката и биле на високи државни позиции, носеле важни државни одлуки и тн.), и упорно ја туркаат државата во [пред се] голема безбедносна неизвесност.

Да не го заборавиме и влијанието кое ќе биде од големо значење во поматамошните креирања на политиките и односите пред се со САД и ЕУ и каков ќе биде третманот и позицијата на Северна Македонија во креирањето на политиките, ако се тргне по друг пат, ако се одлучи против овие ТЕХНИЧКИ уставни измени, тогаш ќе се тргнеме од патот од ЕУ, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО”. Значи, господа од оркестарот: “час поскоро”, свестете се!

6. Конечно, кога САД ќе ти каже дека ”Треба да направиш избор” и дека “Русија е сериозна заканa на Алијансата на светските демократии”и дека ”Ова е моментот за демократиите во Европа да се обединат, да ги донесат тешките одлуки за да возвратат на оваа агресија” мислам дека треба да си со сериозна антрополошка грешка тоа да не го сфатиш со сериозност. Да си камиказа со лоши намери, или да си платен за преврат и релизација на црњаци по оската на злото – путинистички скот.

Затоа, пратеници, опозиционери, и цела јавност, бидете одговорни! Да не си играме играчки со ваквите сериозно застрашувачки, и брутално искрени пораки кои се согласно нашите долгогодишни определби, жртви и залагања.

Ана Чупеска за Либертас.мк