20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Заедно да обезбедиме што повеќе топли домови за децата без родители и родителска грижа

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, заедно со претставничката на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Патриција ди Џовани, ја промовира новата комуникациска кампања насочена кон мобилизирање нови згрижувачки семејства.

„Во последните неколку години во Република Северна Македонија интензивно се работи на развивање на формата сместување во згрижувачко семејство како вонинституционална форма. Секоја наредна година се стремиме да бидеме што подобри, работиме кон исполнување на најдобрите можности за децата без родители“, објасни Тренчевска во своето обраќање.

Министерката зборуваше и за важноста од поддршката на згрижувачките семејства и истакна дека со реформата на системот за социјална заштита првпат се предвидени центрите за поддршка на згрижувачки семејства што треба да вршат промоција на услугата згрижување во семејство, подготовка, процена и обука на идни згрижувачки, како и следење и давање поддршка на постојните згрижувачки семејства.

Таа се осврна и на кампањата за згрижувачки семејства, која ја спроведе Министерството за труд и социјална политика заедно со УНИЦЕФ во 2018 година.

„Во 2018 година УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика спроведоа кампања на национално ниво наменета за мобилизирање нови згрижувачки семејства и подигање на свеста за нивната важност. Кампањата допре до 1 милион луѓе. Со ваков достигнат успех денеска се гордеам што ја промовираме новата комуникациска кампања за згрижувачки семејства со фокус на итни и специјализирани згрижувачки семејства“, рече Тренчевска.

Во моментот на територијата на Република Северна Македонија има 360 згрижувачки семејства, во кои се згрижени 608 деца. Според Тренчевска, спроведувањето на ваквите кампањи треба да придонесе кон зголемување на бројот на згрижувачки семејства. По обраќањето на министерката и на претставничката на УНИЦЕФ, од страна на присутните згрижувачи беа раскажани лични приказни за искуствата и мотивот за приклучување кон кругот на згрижувачките семејства.

Спонзорирано: