Теренските активности на СДСМ, „Рамо до рамо до победа“ продолжија и вчера со средби на тимовите на СДСМ со граѓаните во општините Кавадарци и Василево.
Со граѓаните на Кавадарци се сретна потпретседателот на СДСМ Фатимир Битиќи, кој заедно со Кети Василевска се осврна на економските политики на Владата предводена од СДСМ, мерките со кои државата лани привлече рекорден износ на странски директни инвестиции во износ од 753,8 милиони евра.
Истовремено, на дело покажавме дека сме посветени и истрајни во нашата намера на транспарентен начин да ги поддржуваме домашните компании, истакна Битиќи, додавајќи дека тоа придонесува за унапредување на производството, конкурентноста и отворањето на нови работни места.
И тука во Кавадарци заедно пишуваме убави бизнис приказни кои претставуваат инспирација и мотив за сите домашните компании, за сите жени претприемачи, за сите иновативни идеи, секогаш стоиме на страната на граѓаните и компаниите, обезбедуваме помош и поддршка, порача Битиќи.
Во Василево рамо до рамо со граѓаните беше Никола Рилак, заедно со Виктор Велевски, кој истакна дека изминатата година на светска криза покажа колку е важно знаење и посветеност при менаџирањето на енергетскиот сектор.
Недостигот на енергија и растот на цените на енергенсите и струјата, на почетокот на кризата пред една година донесоа неизвесност и агонија кај секој граѓанин, но кај нас електрична енергија, бензин, храна, имаше доволно, истакна Рилак додавајќи дека сега фокусот е на зелената транзиција, пти што само во изминатите 15 месеци во државата се инсталирани 200 мегавати од обновливи извори, што веќе се вклучени на мрежата.