Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во гостување на телевизија Алфа во емисијата „Колегиум“, го коментираше обраќањето на претседателот на Владата, пред 81. Генерално собрание на ОН во Њујорк, кое беше пренесено во програмата на телевизијата.
„Се потврди нашата геополитичка ориентација, стратешкото партнерство со НАТО, САД и ЕУ. Во делот на евроинтегративниот процес на Македонија, ние не бараме полесен пат, ние бараме предвидлив пат заснован на мерливи правила и критериуми“, рече тој.
Како една од важните пораки од ова обраќање, Петрушевски ја издвои тезата дека легитимитетот извира од граѓаните, а не од политичката функција. Во тој контекст, тој ја посочи Македонија како пример за процес во кој, како што наведе, во минатото биле исполнувани бројни барања и биле правени промени во име на европската иднина, но без да се обезбеди предвидливост на патот кон ЕУ.
„Македонија е еклатантен пример. Во минатото, историски ако гледаме, сме исполнувале многу барања, сме менувале многу работи, се во име на таа европска иднина, но никогаш не доаѓа, туку напротив, доаѓа ново барање. Сега имаме премиер кој цврсто пред сите во Њујорк рече дека сакаме компромис, но компромис којшто ќе ни донесе предвидлив пат, а не компромис којшто ќе ни донесе уште едно барање, и мислам дека тоа е најголемата силина на овој говор“, истакна Петрушевски.
Тој се осврна и на делот од говорот за заложбите Македонија да стане посилна држава, со ефикасни институции, владеење на правото и конкурентна економија,а го издвои и делот од говорот посветен на модерните технологии, дата центрите и вештачката интелигенција,
„Во делот на модерните технологии, дата центрите, вештачката интелигенција, поврзувајќи го тоа со еден современ суверенитет, тоа не значи изолација, туку силна економија веќе станува дел од една национална безбедност и силна економија значи и поголем суверенитет“, кажа Петрушевски.


