Според вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи гордост и чест се силните признанија и поддршка за Северна Македонија што пристигнаа од Вашингтон, директно од државниот секретар на Соединетите Американски Држави Ентони Блинкен, на средбата со нашиот премиер Димитар Ковачевски.
-Традиционално добрите односи меѓу Северна Македонија и САД од минатата година се унапредени во стратешки дијалог што е највисокиот формат на соработка на оваа земја во билатереланите односи со суверените демократски држави. Со САД сме партнери во споделувањето на највисоките заеднички демократски вредности и во почитувањето на човековите права. Државниот секретар Блинкен исклучително отворено и директно ја изрази длабоката почит на Вашингтон за начинот на кој Северна Македонија претседава со ОБСЕ во исклучително драматичен и безбедносно предизвикувачки период, што ја прави нашата земја доверлив и сигурен партнер со кој се менаџираат прашања од највисок интерес за меѓународната безбедност, напиша Битиќи на својот фејсбук профил.
Тој нагласи дека ова длабоко взаемно почитување и негување на билатералните односи е силна мотивација и за економската соработка за која, како што пишува, државниот секретар Блинкен јасно потенцираше дека Северна Македонија ја има силната поддршка за стратешките инфраструктурни проекти кои ќе ја стават земјата на високо рамниште во процесот на интеграцијата во членство во ЕУ.
-Сите ние треба да ги прифатиме како признание и заложбите на САД за унапредување на енергетска безбедност за Северна Македонија. Многу е важно што можеме и понатаму да сметаме на поддршката на Америка во изградбата на идните големи инфраструктурни проекти во делот на енергетиката. Партнерството со САД е мотор и мотиватор на нашата интеграција преку која македонската иднина ја правиме подобра, заклучува вицепремиерот Битиќи.