26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски за Гласот на Америка: САД се еден од најзначајните партнери во унапредувањето на правосудниот систем во државата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за Гласот на Америка, зборуваше на повеќе теми, меѓу кои даде оценка за реализираните средби за време на неговата работна посета на САД, како и за забелешките од Вашингтон во врска со судството, како и состојбите со корупцијата и владеењето на правото.

Премиерот истакна дека се разговарало за сите аспекти значајни за унапредување на државата, како и за унапредувањето на демократијата. Премиерот се осврна на фактот дека Северна Македонија постигна значаен напредок во последните 6 години во слобода на медиумите и се издигна за 19 места повисоко на скалата за слобода на говорот на светски ранг.

„Што е навистина едно исклучително големо достигнување, заради демократскиот капацитет кој што го има оваа влада предводена од СДСМ и нормално коалиционите партнери. Исто така, стана збор за владеењето на правото и борбата против корупцијата, САД се еден од најзначајните партнери во унапредувањето на правосудниот систем во државата.

Ние како ги презентиравме сите закони кои што се изготвени, во делот на унапредување на борбата против корупцијата, владеењето на правото, инвестициите кои што се прават во правосудството, обезбедена е независност на судството“, оцени премиерот Ковачевски.

Според него, следи период на унапредување на состојбите.

„Она што е пред нас е унапредување на сите овие процеси, пред се тука мислам на зголемување на транспарентноста на целокупниот правосуден систем, кој што е независен.

Сепак, тој се состои од поединци и за една транспарентност треба да се идентификува кои се тие кои што имаат подобри перформанси, кои имаат пониски перформанси, за да може да се унапредат, а кои треба да бидат на пример заменети со некој нов кој што ќе донесе нова енергија и ќе донесе нов квалитет во работењето на правосудните органи“, смета премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата посочи дека е изгласан нов Кривичен законик, но и дека има голем број на закони коишто се во собраниска процедура.

„Најголемиот дел од нив блокирани од страна на опозицијата. Јас се надевам дека ќе изнајдат начин опозициските пратеници ако имаат забелешки да дадат на тие закони, доколку немаат забелешки тогаш едноставно да се дозволи да тече понатамошната процедура бидејќи сето тоа влијае на унапредување на системот.

Многу е значајно и што скрининг процесот на крајот ќе резултира со извештаи коишто се однесуваат на сите поглавја, вклучително и на поглавјето на владеењето на демократијата, владеењето на правото и тука ќе можеме да ги видиме точно сите терени кои што ќе треба да бидат исполнети во континуитет пред нас“, рече премиерот Ковачевски за Гласот на Америка.