5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Фото Centar.mk
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Јубилејна 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ се одржува во Охрид – Клучна организација за обезбедување на глобалната безбедност

На прес конференцијата по отварањето на јубилејната 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ што се одржува во Охрид од денеска до 10 мај министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека трите децении од нашето членство во најголемата полициска организација во светот се сведоштво за нашата посветеност и подготвеност за активна глобална полициска соработка, континуирана размена на идеи, оперативни податоци и заеднички активности чија цел е глобална безбедност преку поврзување на полициите во едно глобално полициско семејство.

Фото Centar.mk

„ИНТЕРПОЛ e клучна организација за обезбедување на глобалната безбедност, наш сериозен партнер за соработка, за размена на информации и обезбедување на синергии меѓу многуте глобални и регионални напори и иницијативи. Како членка на ИНТЕРПОЛ, нашата држава меѓу првите се поврза со глобалното полициско семејство, со цел размена на информации помеѓу членките и Генералниот секретаријат, како и директен пристап до глобалните криминалистички бази на податоци. Но, ние како држава и придонесуваме кон меѓународната полициска соработка која оваа организација ја негува. Ова се остварува преку континуирани активности на работните групи и динамично учество во тековните проекти, како и користење на сервисите и алатките кои се достапни до сите 195 држави членки на ИНТЕРПОЛ“, рече министерот Спасовски.

Фото Centar.mk

Во контекст на одбележувањето на стогодишнината на Интерпол, тој посочи некои од многуте успешни активности и операции реализирани последнитее неколку години, спроведени во рамки на оваа воспоставена соработка. Истакна дека Националното централно биро на Интерпол во Скопје, во рамки на МВР, континуирано разменува оперативни информации, сознанија и податоци од областа на меѓународните потраги по лица и возила, насилниот криминал и тероризам, финансискиот криминал, недозволената трговија со дрога и оружје, проверки за оригиналност на документи, идентификација на лица и слично.

Фото Centar.mk

Генералниот секретар на ИНТЕРПОЛ Јурген Шток рече дека на 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ делегатите ќе разговараат за низа сложени закани за јавната безбедност во Европа и пошироко, од организиран криминал до компјутерски криминал.

Ниту една земја или регион не можат сами да се справат со овие прашања, па затоа состаноците како овој, се од суштинско значење за возобличување на нашите напори и уште поважно нашите активности. Гледаме, во реално време, дека сите форми на транснационален криминал стануваат посложени и поопасни. Ова ја прави уникатната улога на ИНТЕРПОЛ посуштинска во глобалната безбедносна архитектура од кога било, поврзувајќи ја Европа со остатокот од светот. Европските земји-членки се глобални лидери во нивната употреба на, и придонесот кон базите на податоци на ИНТЕРПОЛ како и за други способности. Европа придонесува со повеќе записи, презема повеќе пребарувања и – најважно – добива повеќе совпаѓања од кој било друг регион во светот. Минатата година, европските земји-членки ги пребараа нашите бази на податоци повеќе од 3,5 милијарди пати. Бројките зборуваат сами за себе: способностите на ИНТЕРПОЛ се основна компонента на европските сили за спроведување на законот кои ги чуваат своите земји безбедни. Оваа улога расте, со јасни оперативни резултати. Нашиот проект I-CAN, што собира 17 земји за борба против мафијашката група „Ндрангета“, веќе изврши над 40 апсења на високо ниво низ целиот свет“, рече генералниот секретар Шток.
Речиси половина од овие апсења, потенцира тој, се случија само во изминатата година. Од Западна Африка до Јужна Америка и Карибите, помагаме да се зголемат рекордните заплени на дрога, за што нашите земји-членки се известуваат во текот на истрагите и апсењата што поврзуваат повеќе континенти.

„Ова ви дава само краток преглед на тоа како ИНТЕРПОЛ им помага на нашите земји-членки. И оваа седмица, за време на Регионалната конференција, ќе разгледаме на кои начини можеме да обезбедиме уште подобра поддршка во иднина за справување со криминалот како што се трговијата со луѓе, трговијата со дрога, компјутерскиот криминал и еколошкиот криминал“ рече Шток.

Спонзорирано: