10.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+СТАВМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Хероите и хероините без чија пожртвуваност светот би бил обвиткан во мракот и лагите на монструозните режими

ЏАБИР ДЕРАЛА
Најмалку 67 новинарки и новинари го изгубија животот во 2022 година, стои во извештајот на УНЕСКО. Тоа е драматичен скок од 50% во однос на претходната (2021) година, која беше последна во низата години на подобрување на безбедноста во медиумската работа во претходните години. Црната статистика е придружена и со податокот дека 568 новинари се во затвор, според извештајот на Репортери без граници. И тука, бројот не е конечен, туку се работи за случаи што се познати и утврдени до моментот на составување на извештаите.

Бројот на земји што се оценети како „добри“ за медиумската работа, според Репортерите без граници, останува далеку помал отколку оние што се „проблематични“, „тешки“ и „многу сериозни“. Во бројки, според Извештајот, ситуацијата е „многу сериозна“ во 31 земја, „тешка“ во 42, „проблематична“ во 55 и „добра“ или „задоволителна“ во 52 земји во светот.

Извештаите од релевантни институции и организации ја посочуваат пропагандата, првенствено руската, и војната што ја поведе руската држава против Украина, како главни причини за наглото влошување на медиумските состојби во светот.

На што упатуваат овие црни статистики?

Антидемократските, воените и криминалните режими и центри на моќта се во офанзива. Тие ја препознаваат вредноста на медиумите и се плашат од нив. Затоа, служејќи се со своите судско-полициски и подземни структури, тие не се воздржуваат од примена на брутална сила. Ги убиваат или ги лишуваат од слобода токму оние што се нивни најголеми непријатели – професионалците што известуваат за фактите, за тоа што навистина се случува.

Воената агресија против Украина и подемот на насилните режими во Русија и Белорусија, како и во низа други држави во светот, донесоа еден нов феномен – новинари и редакции кои работат во егзил! Цели редакции и новинарски здруженија од Русија и Белорусија работат надвор од границите на своите држави.

Со дел од нив веќе се сретнавме преку дигиталните платформи. Некои од нив, како лидерката на белоруската организација на новинарите, се наоѓаат на тајни локации. Организациите и институциите во демократските држави се обидуваат да им пружат што е можно повеќе услови да ја продолжат својата работа, иако тоа е исклучително тешко.

Тие што ја зборуваат вистината се на удар и во многу други делови на светот. Пример, уште поблиску до нас, е случајот со Марко Видојковиќ, српски писател и коавтор на популарниот подкаст „Добар, лош, зол“, кој по 30-ина закани по социјалните мрежи, сега се наоѓа на тајна локација надвор од Србија.

Што се однесува до македонските прилики и неприлики, алармантно е што дел од македонските новинари и јавни интелектуалци, вклучително и потписникот на овие редови, се секојдневно под канонада од закани и навреди, со цел да се дискредитира нивната работа. Пред две години, токму на Светскиот ден на слободата на медиумите, Фондацијата Хајнрих Бел го објави Случајот на ЦИВИЛ на неколку светски јазици. Одзивот беше силен, а нападите стивнаа на неколку месеци.

Но, гледано во целина, состојбите не се променети од тогаш до сега. Напротив, сега и руската агресија против Украина е уште еден „аргумент“ против ЦИВИЛ и низа други организации и медиуми кои ги делат истите демократски вредности и определби. Сепак, добрата вест е што нашата земја бележи скок од 19 места на индексот на Репортери без граници. Веројатно, тоа е „дополнителен мотив“ за обновените напади од антидемократските инсталации.

Ултранационалистите и антизападните структури и инсталации неуморно ја напаѓаат демократијата, ја поткопуваат довербата во институциите и ја поларизираат јавноста во однос на прашањата поврзани со клучните процеси во земјата и во однос на руската агресија. Не е исклучено таа пропаганда со дезинформации и говор на омразата да прерасне во насилство и егзекуции на неистомислениците.

Најдобра илустрација за медиумската ситуација во светот, е токму режимот на Путин. Тој, минатата година, донесе закон според кој, ако така оцени власта, новинарите се соочуваат со затворска казна до 15 години за „дезинформација“ што се однесува на воената агресија против Украина (според официјалната терминологија – „специјална воена операција“. Слична е состојбата и во Белорусија под Лукашенко.

Овие алармантни, често и трагични статистики упатуваат на уште нешто.

Бројот на убиени и затворени новинари значи дека во медиумската професија се наоѓаат и голем број професионалци што не се плашат за својот живот и слобода само за да ја завршат својата задача – да ја информираат јавноста за настаните такви какви што се. Тоа е навистина за голема почит и восхит.

Голем број новинарки и новинари секојдневно се соочуваат со опасноста да загинат на фронтовите во Украина, каде што рускиот агресор – од првиот ден – не прави разлика меѓу воени и цивилни цели. Тоа се хероите и хероините на ова дигитално време, без чија пожртвуваност светот би бил обвиткан во мракот и лагите на пропагандните машинерии на монструозните режими.

Затоа, ова е ден за одбележување на тешката и трагична состојба во која се наоѓа светот, време за солзи и револт, време за борба и време за оддавање длабоко признание на храбрите луѓе чија секојдневна работна обврска е да трагаат по фактите, да известуваат за настаните, да ги посочат тие што лажат, крадат и убиваат…

Без нив – слободните медиуми – сите, па и најосновните човекови права и слободи ќе паднат под тешката чизма на антидемократските центри на моќта.

извор Civilmedia.mk

Спонзорирано: