4.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+СТАВМАКЕДОНИЈА

„Разочарани“ и „навредени“ желни за гилотина

Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Има човек потреба некаде да седне, да се опушти и напие по некој малиган, нарача неколку кебабчиња, погледа отаде хоризонтот, послуша некоја фина музика, разговара за некои други теми со некои други луѓе освен политичките секојдневни оплакувања и кукања, ама, нема пријателе, тоа за тебе не е можно, изгледа ти ја немаш таа среќа.

Не е денес лесно да се занимаваш со јавна работа, можеби во оваа земја е најтешко тоа отколку било каде на друго место, затоа што овде не е лесно ништо, па не е лесно ни тоа. Се повеќе се множат ликови и групи кои се наоѓаат „изненадени и навредени“ ако нешто спомнеш во јавниот простор, и веднаш тргнуваат да те тужат, да те укоруваат, да ти попуваат, едноставно на глава да ти серат; можеби тоа е и добро, затоа што има и од оние кои сакаат да толчат, ама има и од оние кои сакаат да убијат. На таквите ќе се навратиме малку подоцна.

Имено, каде застанавме, комшија? На оние кои знаат да разговараат без да кукаат и трујат од сопствената душа. Порано се знаеше братко мил кој те гони и иследува: конзервативци, расисти, фашисти, филофашисти, клерикалци и слични. Денес, богами, имам впечаток дека заканите доаѓаат од секаде: од приучени-недоучени, од разни new age правци, од „пост“ ова или „пост“ она, заканите доаѓаат од разбудените луѓенца задоени од културата на исклучување (cancel culture).

Aма тоа за нас овде и натаму е проблем од иднината, ние генерално се бербатиме со душманите од деветнаесетиот век…

Ми се жали еден пријател, велејќи ми дека поради неговото пишување, од некој негов пасус, биле навредени „најдлабоките религиски чувства“ на некој извесен „Боле“. Јас, да бидам крајно отворен, се прашувам како е возможно некој да докаже дека поседува „најдлабоки чувства“? Или ако постои таква направа, форензика или вештачење, а што ако тогаш од „најдлабоките чувства“ се докаже дека се работело всушност за „најплитките чувства“?

Не е само извесен Боле кој ги сфатил зборовите како навреда за него лично, туку ги сфатил како навреда за целиот „македонски народ“, за целиот православен, христијански народ, за целата земја, млечниот пат, сончевиот систем, вселената… Кога ќе се доближиме до причината на ваквата навреденост, се работи за опасна бизарност и во секој случај ирелевантно запазување или „чувствување“. Па уште и „најдлабоко чувствување“ на чувствата на душата на навредениот?

Знам, приметувате и вие дека се работи за апсолутна безвезарија, метафизички ентитет со сомнителен статус во општеството. Што е тука нејасно? Или можеби е нејасно се’?

Ви реков на самиот почеток: ова е време на страшнооо навредени: навредени се малцинства, навредени се мнозинства, леви, десни, црни, бели, млади, стари, женски, машки. Сите „праведници“ на овој свет се навредени, а сите вакви набројани од погоре се така страшно оперирани од нормален човечки разговор, или недај боже ако во разговорот уште вметнеш и сатира на нивна сметка, или сатира на своја. Сигурен сум дека и сатирата би ја разбрале како навреда и повреда за нивните „најдлабоки чувства“.

Дури – тврд ви стојам – плурализмот на навредени во оваа земја цвета, а во светот најнавредени – и денес – се верниците (оние клерикалните, црковните), оние кои себе на овој или оној начин се изјаснуваат за „вистинска“ вредност, доктрина или институција. Од некоја нејасна причина, тие себе и во демократијата ги бараат своите „најдлабоки предубедувања“, а за своите предубедувања бараат уште и посебен третман, поточно речено, трајна поштеда. За возврат, ќе ги почитуваат останатите, чесна пионерска!

Овој наш свет станува пренаселен од „навредени“ и „разочарани“, и никогаш не знаеш на што ќе „нацапаш“, со кого ќе се судриш, кој е оној што ќе ти сере над глава што смееш, а што не смееш да зборуваш и пишуваш, само затоа што тој, некојси Боле, ти зборува од „најдобри намери“.

Ако почнеш да „внимаваш“ на тоа, да се трудиш да го избегнеш секој возможен судар, најмногу што можеш е да го закржлавиш сопствениот дух. А ако стигнеш до тој стадиум, тогаш е најдобро да се запишеш во некоја секта којa се воодушевува на некои непостоечки битија: зрел си за тоа, ама разлигавен си за сè останато.

Не би сакал да му држам придики во овој мој текст на мојот драг пријател кој често запаѓа во срања со разни будалетинки, ама вака начелно зборувајќи: од вакво срање се излегува така што се излегува од вакво срање. На пример: играта на баграта „навредени“ нема да ја прифати. И никако не потегне да се самооправдува и дополнително да се дообјаснува.

Пред неколку години едни будали во Франција, поточно во Париз, убија неколку луѓе затоа што овие им ги повредиле „најдлабоките чувства“. Попатно, се сеќавате сите: во Собранието на Македонија едни други будали тргнаа да убијат некои легитимни избрани луѓе затоа што овие им ги повредиле „најдлабоките чувства“.

Така што, заебете ме со „најдлабоките чувства“: и двата чина се (пре)страшни и (пре)грозни. Секогаш и секаде ќе има малограѓански гласови кои ќе велат: „вие ги повредивте моите чувства“. А ние останатите, знаеме секогаш да кажеме, и тоа за сите времиња и епохи: јебе ни се за вашите (пре)плитки и (пре)површни чувства!

Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: Frontline