Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите е скандалозен по стотина основи, тврди лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по отворањето на штаб на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.
Тој вели дека во случај на спор за него ќе биде важечко англо-саксонското законодавство, што е некомпатибилно со континенталниот модел кој е застапен во македонското законодавство.
„Од свиркачи го добивме целиот договор, не знам дали е тој истиот, но ние ќе објавуваме во јавноста, па Владата нека демантира дали тоа така или не е така. Ние го добивме истиот од свиркачи кои го доставија и го анализираме и секое јавно настапување ќе го користиме за да можеме да објавиме нешто ново“, изјави Мицкоски.
За него е спорно и тоа дека, како што тврди, освен во клучните зборови на почетокот на Договорот никаде го нема зборот ФИДИК, меѓународниот стандард по којшто се реализираат меѓународни договори.
Договорот, како што рече лидерот на опозициската партија е скандалозен по стотина основи и со секое излегување во јавноста ќе објавуваат по еден.
„Еве денеска можеме да кажеме дека овој договор на Ковачевски и Груби или Груби и Ковачевски, не знам кој е поважниот во целата ова приказна, е скандалзоен по стотина основи и со секое излегување во јавноста ќе објавуваме по еден основ“, рече Мицкоски.