Прашањето за предвремени избори е веќе затворено и нашата држава ќе има редовни парламентарни избори и редовни претседателски избори, рече премиерот Димитар Ковачевски во гостувањето во Сител телевизија одговарајќи на новинарско прашање. Тој додаде дека прво ќе има редовни претседателски избори во 2024 година, а потоа и парламентарни избори согласно со законските рокови.
– Опозицијата во неколку наврати најавуваше дека имаат 61 пратеник во Собранието за оваа Влада да не продолжи со својата работа, а тоа го најавува за во декември, за во јануари до средина на февруари, на крај по реконструкцијата на Владата сите се уверивме дека Владата има зголемена поддршка во Собранието, зголемено парламентарно мнозинство од 65 пратеници со што може да се зголеми ефикасноста на Собранието, да одлучува во однос на најважните прашања коишто се однесуваат на реформите во државата справувањето со економската и енергетската криза. Истото тоа се однесува и на сите коалициони партнери во Владата, јас не би ги коментирал интерните кампањи коишто се водат во ДУИ со оглед на тоа што партијата поминува низ своја интерна кампања и често пати и слоганите коишто се користат се креативни, меѓу тоа тие се во насока и со цел на внатрешно екипирање на нивната политичка партија, рече Ковачевски.
Тој додаде дека државата ќе има технички премиер пред крајот на идната година, односно кога предизборно ќе се формира техничка Влада.
– Во однос на тоа кој ќе биде техничкиот премиер, тоа е нешто што не е ново, бидејќи добро и вие се сеќавате и сите наши граѓани и политичари дека на прес-конференција по изборите во 2020 година претседателот, тогашниот претседател на СДСМ и мандатар господинот Заев и претседателот на ДУИ објавија договор за формирање на коалициона влада предводена од СДСМ и коалиционите партнери и ДУИ на којашто еден дел од договорот беше дека на последните 100 дена од Владата ќе има технички премиер кој што ќе биде Албанец, заклучи Ковачевски.