23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

(ВИДЕО) Истрефи: Важно е да има договор за успешно завршување на дијалогот меѓу Косово и Србија започнат во 2011 година

Пред критичната средба, поддржана од ЕУ, меѓу косовскиот премиер, Албин Курти, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 18 март во Охрид, разговаравме со политичкиот аналитичар Астрит Истрефи, извршен директор на Балкан Форум, истакната тинк-тенк организација од Косово.

Разговаравме за актуелната состојба во односите меѓу Република Косово и Република Србија и за перспективите на дијалогот Белград-Приштина, поконкретно за Предлогот-Договорот на ЕУ за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија.

„Како што знаете, имаше многу тензии меѓу двете земји, тоа е нешто што се провлекува подолго време. Очекуваме дека планот, всушност, временски рамки и распоред за тоа како европскиот план би се имплементирал, да биде потпишан на 18 март во Северна Македонија. Лично не верувам дека било што ќе се потпише на 18, но се надевам дека скоро може да имаме сé договорено во однос на продолжување со решавање на најгорливите прашања меѓу двете земји, што сега се втемелени во основниот документ на Европска Унија“, рече Истрефи во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.

Сакавме да слушнеме што, според Истрефи, значи „многу наскоро“, а кои се „најгорливите прашања“, особено што, според неговите зборови, „Јас лично не верувам дека нешто ќе се потпише на 18-ти.“

„Не очекувам било што да биде потпишано. Причината за тоа е што сметам дека тој е познат, но не и искомунициран. Досега, постоеше одреден преседан, да речеме, дека двете земји ќе се согласат за голем број прашања, но документите некако беа потпишувани одделно. Значи, секогаш имаше олеснувач, во некои случаи тоа беше ЕУ, а во некои САД. Тоа не беше билатерално потпишување на договор меѓу двете земји, туку билатерално потпишување на истиот договор со олеснувачот. Значи, затоа, а имаме и повеќе импликации од тоа. Потписот би значел дека двете земји се согласуваат за низа прашања кои треба да ги решат. Оттука, потписот би значел, всушност, експлицитно признавање на двете земји. Суверенитетот или територијалниот интегритет и сите тие работи…“, изјави Истрефи за ЦИВИЛ Медиа.

Важно е двајцата лидери да се сретнат, за да се воспостави патот до имплементација. Не да се постигне договор, бидејќи веќе е постигнат, туку да се разговара за самото спроведување на тој план. Најитните прашања се Заедницата на српски општини, за која двајцата лидери имаат дијаметрално спротивни ставови.

„Втората работа е што планот е прочитан, што е одлично, но временската рамка и тоа што следи во однос на имплементацијата сé уште не е прочитано. А целта на состанокот на 18 март е токму тоа. Не е за да се зборува за договорот, за договорот е веќе кажано, туку да се зборува за имплементацијата. А Србија има одредени барања. Србија бара првото нешто што ќе се имплементира да биде Заедницата на општини со српско мнозинство, додека косовската страна бара да нема Заедница на српски општини на Косово, барем не моноетнички, дека тоа создава еден вид проблем, друго ниво на администрација и вид на самоуправување на Косово, а тоа не е нешто на што Косово би се согласило. Но барањето од косовската страна е дека нам ни треба конечен договор што е можно побрзо.

 

Средбата Курти-Вучиќ на 18 март е успешна завршница на дијалогот кој трае повеќе од една деценија, а тоа е најважно, според Истрефи.

„За мене, без разлика дали со заедница или не, дали е конечен договор или не, за мене најважно е да има договор, успешно завршување на дијалогот меѓу Косово и Србија започнат во 2011 година“, нагласи Истрефи во разговорот за ЦИВИЛ Медиа.

Како земја домаќин, Северна Македонија има специфична улога, според г-дин Истрефи.

„Значи, улогата на Северна Македонија, лично за мене… Драго ми е што тоа се случува во Северна Македонија, наместо во било која друга земја, поради повеќе причини. Но, првенствено поради тоа што Северна Македонија неодамна успеа да реши долгорочен спор со Грција, што ја спречуваше Северна Македонија во нејзината ЕУ и НАТО интеграција. Решавањето на тој спор кој траеше 25 години значеше дека Северна Македонија има јасен пат и ќе напредува многу побрзо кон ЕУ и НАТО интеграцијата. Значи, тука има симболика и сметам дека, уште повеќе, лидерството што го покажа премиерот Заев е исто така значајно. А има и уште едно, а тоа е датумот 18 март и местото каде очекувањето е дека имплементацијата на договорот ќе биде договорена“, рече Истрефи за ЦИВИЛ Медиа.

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, ќе го олеснат состанокот. Борел и Лајчак прво ќе се сретнат посебно со Курти и Вучиќ. Следува трипартитна средба на високо ниво. ЕУ веќе најави дека средбата ќе биде фокусирана на финализирање на Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија.

Џабир Дерала
Транскрипција и превод од англиски: Наташа Цветковска

Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia