25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТЕФАН БОГОЕВ/ STEFAN BOGOEV
.МАКЕДОНИЈА

Богоев: Со Законот за ветинг на функционери и Законот за конфискација на нелегално стекнат имот се зајакнува владеењето на правото

„Во следните три месеци може да се очекува предлог Закон за ветинг на функционерите. Ќе има широка јавна расправа и ќе се земат корисни практики од ЕУ и други развиени земји кои имаат вакви закони“ рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во „Патот кон“ на АлсатМ.

Тој додаде дека ваквиот закон ќе значи поедноставување на процедурите и вмрежување на институциите за да го проверат имотот на функционерите без разлика дали тие се во судската власт, Собрание, Влада, општини или слично.

„Сега постои таков систем, поставен во Антикорупциска комисија, со анкетните листови, но тој покажува слабости и треба да се унапреди. Кога ќе се вмрежат тука УЈП, Катастар, Управата за финансиско разузнавање ќе добиеме еден систем и механизам, не само за сега, туку и за иднина за пратениците да мора да докажат потекло на имот“ рече Богоев.

Потпретседателот на СДСМ рече дека Законот за ветинг ќе биде проследен и со Закон за конфискација на нелегално стекнат имот со што ќе се направи голем исчекор во полето на владеење на правото, што беше една од главните заложби на „Шарената револуција“.

„Законот за ветинг и Законот за конфискација на нелегално стекнат имот ќе придонесат да имаме чесни судии, обвинители и политичари. И сега имаме судии, обвинители и политичари кои се чесни, но поради нечесните, овие паѓаат во сенка и се колатерлана штета“ рече Богоев.