Според вицепремиерот за еврппски прашања, Бојан Маричиќ целта на историската комисија е да отвори некои прашања од историјата коишто ги сметаме за спорни или коишто ги читаме поинаку, па да се види дали може да се најдеме некое заедничко читање или пак да се договориме дека различно ги читаме тие прашања.
-Не мислам дека ќе има прилика Бугарија да не блокира на самиот крај доколку сите фази ги поминеме успешно. Таа комисија не е создадена за да блокира, таа комисија е создадена за на консензуална основа со согласност на сите членови и од наша и од бугарска страна даде некои насоки како да се читаат некои историски епизоди или даде толкување како може да се читаат некои историски епизоди, кажа Маричиќ во гостувањето во ТВ24.
Зборувајќи за скринигот тој кажа дека постојат поглавја каде што сме на ниво над некои држави членки.
-И во делот на заштита на лични податоци и во некои области сме на еднакво, па и понапредно ниво, додаде Маричиќ.
Тој истакна дека повеќе држави во регионот се цел на некакви политички активности за да бидат одвратени од стратешката цел за членство во ЕУ.
-Ние имавме такви обиди и со членството во НАТО, за среќа не успеаја, меѓутоа сега дејствуваат на повеќе страни, во повеќе настани со цел да не одвратат од таа стратешка цел. Ако видите дека истите политички структури што се против членство на Македонија во ЕУ, во Бугарија пак и во други држави се истите коишто се против, да речеме, да се помогне на Украина и тоа не може да биде случајно, заклучи Маричиќ.