Centar.mk
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИвест

Петровска на конференцијата „Украина – Година на хероизмот“: Се поклонувам на храброста на украинскиот народ

„Му се поклонувам на украинскиот народ кој на светот му покажа дека љубовта кон сопствената татковина е посилна од оружјето на агресорот”, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска, во своето обраќање на денешната конференција, “Украина – Година на хероизмот“ и го потенцира отпорот, пркосот, храброста на украинскиот народ кој во изминативе 365 дена даде силен одговор на руската агресија врз меѓународно признaта, суверена и независна Украина.

Министерката истакна дека оваа невидена агресија во 21 век резултираше со одлучност не само на украинскиот народ туку и на заедништво и поддршка на Европа и Северноатлантскиот Сојуз.
„Ова е година на херојство во која украинскиот народ против целосната руска инвазија на Украина покажа што може за својата татковина. Но и година на единство и сојузништво на европскиот континент. Нашето единство е нашата најголема сила. Се трудеа да нè поделат, но го постигнаа токму спротивното. Ние сме пообединети и порешителни од било кога”, рече Петровска.

Министерката порача дека Северна Македонија водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право покажа дека е цврсто посветена на поддршката и помошта на Украина.
„Нашата помош и поддршка ќе ги има се додека Украина и Украинскиот народ не го остварат своето право, слободно да се движат и живеат на сопствената територија. Помагаме и поддржуваме затоа што силно веруваме во меѓународните принципи, но пред се на правото на живот и слобода”, истакна Петровска.

Министерката се осврна на разорните слики, уништувањето и агресијата, кои и сама ги посведочи за време на својата посета на Украина. „Вчера се вратив од Украина и во мене носам различни чувства. Ужасеност, бес и тага за тоа што го видов. Разрушени домови, уништени детски градинки, детски игралишта“ – рече Петровска.

„Ова не е само борба на Украина ова е борба за одржување на целиот меѓународен поредок, кој се заснова на правила и принципи. Слободата нема цена, исто како што нема цена и нашата поддршка и помош за Украина“ заклучи Петровска.

На денешната конференција која се одржа во организација на НВО „Цивил” и Украинската амбасада, во Домот на Армијата во Скопје, свое обраќање имаа и Претседателот Стево Пендаровски, Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, како и други амбасадори и дипломати, аналитичари и претставници на граѓанското општество.

Во рамки на конференцијата беше поставена изложба на фотографии „The Year of Resilience“ и промоција на книгата „Украина – Година на хероизмот” од Џабир Дерала.

Можеби ќе ве интересира

Лишено од слобода лице од Валандово, без дозвола управувал патничко возило кое претходно го украл од двор во гевгелиско Прдејци

ДЕСК

Кузеска: СДСМ има ветување до ВМРО – Сите ќе одговарате!

ДЕСК

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски заедно со Ковачки и Андоновски ќе присуствуваат на Конгресот на Европската народна партија, уште една потврда за цврстата определба за европска интеграција

ДЕСК