25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи во ОН: Човечките страдања во Украина мора да престанат

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денеска говореше на 11-тата Специјална итна седница на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк каде упати силна осуда за воената агресија на Руската Федерација врз Украина.

Во своето обраќање, тој испрати порака до сите земји членки на ОН за важноста на усвојувањето на Резолуцијата на ОН за враќање на мирот и заштита на меѓународниот поредок и ги повика сите земји членки на Организацијата на ОН да се солидаризираат со Украина и со нејзиниот народ и да ја чуваат Повелбата на ОН која е нивна заедничка одговорност.

„Денес е Украина, утре може да биде која било наша држава која се потпира на правилата и принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН ја смета како неспорна гаранција за независност, суверенитет и територијален интегритет на земјите. Руската Федерација ги прекрши овие фундаментални принципи, кои сите ги негуваме и за кои сите се согласуваме, без оглед на разликите меѓу нас“, рече претседавачот на ОБСЕ пред Генералното собрание на ОН.

Османи јасно порача дека не може во 21 век да се прифатат „сферите на влијание“, објаснувајќи дека тоа е концепт за предизвикување конфликти, како што e случај со Украина. Потенцираше дека е недозволиво една држава со сила да ги менува границите на својот демократски сосед, да ја уништува нејзината инфраструктура и да предизвика неподносливо страдање на цивилното население.

„Не можеме да дозволиме или да признаеме освојување на територии со војна и смешно организирани референдуми на окупирани територии. Не можеме да прифатиме владеење со сила и најсилните да одлучуваат за судбината на другите народи“, рече Османи.

Османи кажа дека Русија ја избрала погрешната страна на историјата и оттука мнозинството земји-членки ги прифатија досегашните резолуции на ОН, со што и ја осудија руската инвазија на Украина. Однесувањето на Русија како постојана членка на Советот за безбедност нема оправдување, истакна Османи. Русија освен што започна агресивна војна против Украина, предизвика и енергетска несигурност и недостаток на храна во светот.

Претседавачот на ОБСЕ ги пренесе позициите на Северна Македонија, која се води од принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН. Нашата земја од самиот почеток ја осуди руската војна против Украина и како голем број членки на ОН, даде поддршка на истрагата за евентуални воени злосторства врз украинскиот народ, а сега дава поддршка и на враќањето на мирот и заштитата на меѓународниот поредок.

Говорејќи од позиција на Претседавач со ОБСЕ, Османи истакна дека Русија со воената инвазија ги прекрши и принципите на ОБСЕ и Завршниот акт од Хелсинки. Пред Собранието, тој ги сподели личните сведоштва за време на теренската мисија на Украина.

„Го посетив градот Бородјанка во близина на Киев кој беше особено тешко погоден од руските напади. Разговарав со луѓето, се запрашав: што згрешиле овие невини цивили, повеќето од нив постари луѓе или деца? Што згрешиле за да ја заслужат оваа судбина? Можеме да направиме многу повеќе од хуманитарна помош, можеме да ги спречиме овие човечки страдања. Како што вели мотото на нашето претседавање со ОБСЕ – За луѓето се работи!“, истакна Османи.

Претседавачот со ОБСЕ, на претставниците на земјите-членки на ОН им порача и дека политичките дејствувања на национално и меѓународно ниво ќе бидат бесмислени ако се остане нем пред човечките страдања кои не се предизвикани од природни катастрофи, туку од намерна воена агресија. Потенцираше дека одговорност мора да има, бидејќи тоа е најефективното средство за ова што се случува во Украина да не ѝ се повтори на друга суверена држава и на друг народ.

„Меѓународната заедница, отелотворена во Обединетите нации, не може да си дозволи грубо кршење на сите правила и принципи. Она што се наметнува како прашање, не е ништо помалку од визијата за светот во кој сакаме да живееме: или ќе обезбедиме мирен соживот и соработка меѓу народите, ослободени од закани од војна и агресија, или ќе бидеме принудени да живееме во постојан страв, нестабилност и неизвесност“, истакна претседавачот на ОБСЕ, Бујар Османи на ГС на ОН.