24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски за интервјуто со Латас: Вознемирен сум и згрозен, насилството над жени е неприфативо

Премиерот Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање за случајот со интервјуто со новинарот Драган Павловиќ Латас рече дека најпрвин ќе одговори како човек и татко, а потоа како премиер.

-Слушнав за ова пред неколку дена и оттогаш до денес кога и да пмислам на случајот навистина се вознемирувам и се чувствувам гневно. Ова однесување не само што е срамно за мажите, не само тука, туку и во светот, ова е срамно за сите луѓе и за секое човечко битие. Јавното промовирање и поддржување на сексуално насилство и сексуална злоупотреба е целосно неприфатливо. Рече Ковачевски.

Тој кажа дека не смее да се толерира вакво понижувачко, омаловажувачко, деградирачко третирање на жената.

-Секое вакво однесување мора да биде јавно осудено и да испрати јасна порака дека насилството врз жените е неприфатливо. Загрижувачки е што слушавме не само за чин на сексуално насилство, туку и што бевме сведоци како соговорниците радосно и без грам грижа на совест и свесност колку штета нанесуваат, се смеат и ликкуваат додека дискутираат, додаде премиерот.

Ковачевски ја поздрави силната јавна осуда.

-Воедно, сметам дека тоа не е доволно. Затоа ги повикувам институциите кои за волја на вистината реагираа во рамките на своите надлежности да го истераат овој случај до крај. Да покажат дека сепак во Македонија имаме владеење на правото. Воедно го повикувам и Здружението на новинарите да се оградат од колегите кои шират ксенофобија и дискриминација, бидејќи такви луѓе не се достојни да пишуваат и да зборуваат пред јавноста. Исто така, ги повикувам и ВМРО-ДПМНЕ и господинот Мицкоски да ја најде и да ја искине партиската книшка на секој еден нивни член кој самоиницијативно решава да шири наратив со кој сега генерации млади ќе мислат дека е во ред да се зборува на тој начин за сексуално насилство и да се однесуваат мизогино и дискриминаторски. Фактот што тој не го стори тоа досега мене лично ме ужаснува, ама не сакам ова прашање да го претворам во политичко прашање.

Премиерот повтори дека слободата на говорот во земјава е загарантирана со Устав, но тоа истовремено не значи дека секој може да ги гази човековите права, да шири омраза, мизогинија, ксенофобични и дискриминаторски идеи.

-Слободата на говор подразбира одговорност и постоење на висока свест за демократските начела и за слободите, правата и обврските во едно отворено општество. Кога слободата на говор провоцира криминални дејствија ли каков било тип на нарушување на граѓанските и човековите права тогаш тоа не е слобода, туку е агресија и така треба да се третира. Дома имам 17-годишна ќерка и најголем број од моите пријатели и познаници, од мојата генерација, имаат ќерки на таа возраст и се срамам и сум гневен кога слушам вакви работи. Во 21 век во 2023 година, одредени личности со неверојатна леснотија се шегуваат со сексуално насилство. Ваквите работи навистина ме вознемируваат и доколку е можно, согласно процедурите на Собранието, да направиме пауза, бидејќи во моментов, после ова, не можам да продолжам со одговарање на пратенички прашања, кажа Ковачевски.