26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Бектеши за Алсат: Прехранбените компании кои користат субвенционирана струја не ги намалија цените, ќе предложиме укинување на мерката

Министерството за економија во моментот работи на дизајнирање на нови мерки со цел намалување на цените на основните прехранбени производи. Мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи целосно се почитува од трговците, но голем дел од прехранбените компании кои користат субвенционирана струја од државата не ги намалиле цените, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за емисијата „Економски магазин“ на Телевизија Алсат.

Како што кажа министерот, Министерството за економија имаше неколку средби со Стопанските комори, особено со компаниите кои се најголеми производители на основни прехранбени производи, од каде произлезе заклучокот дека Владата треба да преземе соодветни мерки во делот на електричната енергија со единствена цел да им се помогнеме на производителите на основни прехранбени производи и се влијае на намалување на цените кои се истакнати со владина одлука, како што се основните производи како лебот, маслото, тестенините и така натаму, особено млекото.

“Значителен дел на домашни компании со кои имавме џентлменски договор за жал не го почитуваа договорот кој сме го имале помеѓу Владата и Стопанските комори и не ги намалија цените на основните прехранбени производи. Ние како Министерство за економија добивме извештај од Државниот пазарен инспекторат, до крајот на овој месец очекуваме и конечен извештај. Според прелиминарните податоци, значителен дел на компаниите кои се над 250 и кои ја користат мерката за субвенционирање на електрична енергија, над 60-70% од нив не ја почитувале истата одлука и ги имаат истите цени на производите кои ги имале во ноември пред стапи на сила одлуката за субвенционирање на електрична енергија“ кажа министерот Бектеши.

Според Бектеши, што се однесува за мерката за ограничување на профиртната маржа која што исто така беше донесна со цел намалување на цените на прехранбените производи, согласно податоците на ДПИ истата се почитува кај сите трговци.

„Државниот пазарен инспекторат е континуирано на терен и прави контроли кај сите компании кои што користат субвенционирана струја. Согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачи оние кои ги прекршуваат одредбите ќе бидат санкционирани, па дури и може да бидат затворени“ кажа министерот Бектеши.

Министерот кажа дека за субвенционирање на електричната енергија за компаниите од прехранбениот сектор досега се одвоени  околу 1,2 до 1,3 милиони евра, средства кои може да се користат за други мерки посебно за граѓаните кои имаат најголема потреба.

„Во моментов со Министерството за финансии дизајнираме нови мерки. Наместо да ги субвенционираме одредени компании кои не ги почитуваат одредбите договореното , тие средства во Буџетот кои се опеделени за антикризни мерки да ги пренамениме во намалување на одредени давачки, било тоа да е царина или други давачки и на тој начин да влијаеме на намалување на цените“ кажа министерот Бектеши.

Министерот потенцираше дека мерката за субвенционирање на струјата на основните и средните училишта и за јавните комунални претпријатија ќе остане, а за компаниите предлогот на Министерството за економија е истата да се укине.

Во однос на цената на електрична енергија, министерот Бектеши кажа дека се анализира можноста да се врати евтина тарифа на електрична енергија два часа преку ден. Враќањето на евтината тарифа на струја преку ден ја чини државата околу 15-16 милиони евра годишно, средства кои сега секако се пренаменети за други мерки за поддршка на граѓаните.