Предвремените парламентарни избори во Србија ќе се одржат на 25 октомври, изјави вчера српскиот претседател Александар Вучиќ, најавувајќи дека ќе го распушти парламентот и ќе распише предвремени избори денеска.
Српскиот премиер Ѓуро Мацут во понеделник му испрати на Вучиќ предлог за распуштање на парламентот и распишување предвремени парламентарни избори, по месеци антивладини протести кои ја потресоа владата и длабоко ја поделија Србија политички.
Под притисок од студентските протести
„Добив предлог за распуштање на српскиот парламент. Треба да донесам две одлуки – декрет за распуштање на парламентот и за распишување избори“, рече Вучиќ во вечерната информативна програма на Радио телевизија Србија (РТС). Вучиќ повика изборниот процес да биде мирен.
Со месеци се соочува со притисок од антивладините протести предводени од студентското движење по трагедијата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога се урна настрешница и загинаа 16 лица, за што демонстрантите ја сметаат владата за одговорна поради коруптивни зделки.
Вучиќ изјави дека „со радост ќе прифати секој демократски резултат“ што е важен за земјата и ќе им честита на своите противници доколку победат.
Во врска со неговото отсуство од погребот на хашкиот осуденик Ратко Младиќ во понеделник, Вучиќ во интервју за РТС рече дека тоа се должи на посетата на узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијоев на Србија, што е „многу важно“.
Тој нагласи дека Србија мора да најде нови пазари и нови партнери и дека се навикнува на „нов и поинаков свет“./Извор:Makfax


