Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за време на работната посета на МВР на Република Србија, во изјава за дописникот на МТВ во Белград изрази задоволство од можноста да оствари продуктивна работна посета на МВР на Република Србија, одговарајќи на поканата на министерот Гашиќ.
„Морам да констатирам дека имавме конструктивна средба. Разговаравме на теми кои значат подобрување на безбедносната состојба на двете држави и, секако, испраќаме една силна порака за партнерство и пријателство меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, а тоа е најважно за нашите граѓани”, истакна министерот Спасовски по билатералната средба со српскиот колега Гашиќ.
На средбата фокусот беше ставен на три теми, и тоа борба против организираниот криминал и корупцијата, илегалната миграција и потпишувањето на Протоколот за начинот на извршување на гранични проверки на заедничкиот граничен премин Лојане – Миратовац.
„Разговараме за три теми, првата е борбата против организираниот криминал и корупција врз основа на размена на информации, сѐ со цел да имаме безбеден регион, бидејќи безбедноста во Северна Македонија и во Србија ќе значи безбеден регион. Второ, разговаравме за илегалната миграција, начинот на којшто се справуваме, за меѓусебната соработка и констатиравме дека имаме значајни резултати коишто придонесуваат да бидеме под просекот на обидите за илегална миграција. И, секако, најважната тема беше потпишувањето на Протоколот за функционирање или работа на новиот граничен премин Лојане-Миратовац. Знаете дека потпишавме Договор за отворање на ваков граничен премин, сега ги потпишуваме протоколите. Останува инфраструктурно да се среди овој граничен премин и да можеме да го ставиме во функција. Воедно, се потпиша и тој Протокол на оваа средба, а сѐ со цел практично да ги заокружиме овие активности во делот на доброто гранично управување”, рече министерот Спасовски.
Во изјавата за МТВ, министерот Спасовски информираше дека тема бил и граничниот премин Табановце.
„Секако, неизбежна беше темата за граничниот премин Табановце – како да ги подобриме условите за работа, да понудиме решение коешто ќе значи побрз проток на патници на овој граничен премин. Минатата година имавме зголемување за 50% на патници кои поминаа на овој граничен премин и тоа нѐ обврзува да направиме сѐ заеднички да ги подобриме условите за побрз проток на лица и стоки. И, секако, во рамки на иницијативата Отворен Балкан да создадеме услови во догледно време граѓаните на Северна Македонија и Србија да поминуваат непречено, практично, без било каква контрола на граничниот премин”, рече министерот Спасовски.
Изразувајќи благодарност за можноста за работна средба во МВР на Република Србија, министерот Спасовски рече:
„Оваа посета ја искористив да се заблагодарам и за билатералната акција на нашата јужна граница со Србија, заедно со државите од ЕУ и регионот, и констатиравме дека односите меѓу двете земји се пријателски и партнерски кои само се надоградуваат во овој период, а секако тука е нашето партнерство и соработката меѓу двете МВР кое бележи тренд на подобрување”, рече министерот Спасовски.