5.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Случај Пендиков: „Кога односите се такви какви што се денес, победуваат само оние кои не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ“

Охридската полиција вчера попладне го приведе 23-годишниот Б.А. од Битола, кој е вториот осомничен за нападот и претепувањето на охриѓанецот Христијан Пендиков. Б.А. се бараше со централна потерница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ од чл.131 од Кривичниот законик. Против првиот уапсен за нападот досега е поведена предистражна постапка, а судењето се очекува да започне на 28-ми февруари. После немилиот настан, Пендиков беше на лекување во Воена-медицинската академија во Софија, по што од бугарската држава доби сместување, парични средства и приватно обезбедување, поради како што тврди, заканите по живот што ги добивал на социјалните мрежи.

Бугарската експертска јавност очекува правна разрешница на случајот, сметајќи го за посебно важен во продолжување на релаксирање на односите меѓу двете земји. Бугарскиот политички аналитичар и социолог Прван Симеонов во разговор за „Локално“ вели дека „Пендиков бил во потрага по својот идентитет“.

-Ова ми изгледа како симптоматичен пример на македонското општество во целина. Очигледно е дека е свесен за своите бугарски корени. Дека се работи за чин на омраза е веќе видливо во првите податоци од самите македонски правосудни органи. Секако, се чека судска одлука, порачува Симеонов.

Вели дека верува во правична одлука на Охридскиот суд.

-Јас верувам во правдата. И се надевам дека нема да се разочарам, истакнува Симеонов.

Околу тоа како го оценува фактот дека Пендиков првин побара помош од бугарските власти, а не се обрати кај македонските, аналитичарот смета дека не треба посебно објаснување.

-Луѓето со бугарска самосвест во Македонија често сведочат за лоши ставови, пречки итн. И можеби тоа го натера Пендиков да побара заштита надвор од Македонија. Не само да се осврнеме на тоа кој би имал корист од ваквите случаи, туку пред сè, да ја разгледаме човечката страна на работата. Заедничката историја на нашите две земји значи дека многу македонски граѓани знаат за нивните бугарски корени и избираат да се нарекуваат Бугари. Ова не е закана за Македонија. Овие луѓе мора да си го најдат своето место во Уставот за да се отвори европската перспектива на Македонија и да се нормализираат односите со Бугарија. Затоа што кога нашите односи се такви какви што се денес, победуваат само оние кои не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ, верува Симеонов.

Потпретседателот на Бугарско-македонскиот бизнис клуб и аналитичар Владимир Владимиров пак во разговор за „Локално“ тврди дека треба да ѝ се веруваат на македонските надлежни институции кога станува збор за разрешување на нападот.

-С. Македонија е наш сосед и партнер во НАТО и ние треба да ѝм веруваме на нивните институции. Очекуваме тамошното Обвинителство и Министерство за внатрешни работи максимално добро да си ја завршат работата затоа што овој случај е од исклучителна важнпст за односите меѓу двете земји. Да излезат резултатите од истрагата и виновниците да бидат соодветно казнети согласно законите. Тоа е нешто што сите бугарски граѓани, а верувам дека и македонските го очекуваат. Дали нападот е од омраза, треба да покаже истрагата поради која причина Христијан Пендиков беше тешко претепан, проценува Владимиров.

Тој го повтори ставот за брзо и ефикасно спроведување на законите во однос на случајот.

-Имам доверба во институциите на Македонија и очекуваме брзо и ефикасно спроведување на правдата. Тие се во право да ги преземат сите потребни мерки кои што би довеле до брз исход, апелира соговорникот.

Владимиров смета дека помошта од властите во Софија за Пендиков е иста каква што би можел да очекува секој друг кој би имал потреба од такво нешто.

-Бугарија му помогна на Пендиков на ист начин како што верувам дека ќе му помогне на секој кој што има потреба. Надевам дека по овој крајно непријатен инцидент, животот на ова младо момче ќе тргне во позитивен правец, ќе се запише за да си го продолжи образованието и ќе стане млад човек кој што пат и насока пред себеси, ни рече аналитичарот.

Н.П.

извор Локално.мк

Спонзорирано: