Постигната е победа на правдата со одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур кој потврди дека апликациите на седум поранешни функционери на ВМРО-ДМПНЕ се недозволени.
Меѓудругото, одлуката на Судот во Стразбур е важна затоа што покрај другото, не констатира прекршување на човековите права во кривичниот прогон на членовите од некогашниот врв на ВМРО-ДПМНЕ.
Маричиќ, кој како министер за правда беше одговорен за подготвување на одбраната на државата пред судот во Стразбур, кажа дека ова бил комплексен случај во кој државата ги изнела сите процедурални аспекти дека судовите во земјава има уште што да кажат, пред апликантите да се обратат во Стразбур.
„Од првиот ден кога беше поднесена жалбата во Стразбур, во земјава започна кампања дека случајот е завршена работа и дека Судот во Стразбур ја валидирал аболицијата на Иванов. Тоа беше стратешка определба на адвокатскиот тим за да се создаде слика дека ова е завршена работа како порака кон судовите и обвинителствата во земјава“ рече Маричиќ.
Тој додаде дека веројатно поради тоа случаите споро се движеле, чекајќи ја одлуката од Стразбур, дека тој суд ќе ја заврши работата на нашите судови.
„Сега топката се враќа кај нашите судови и се упатува дека нашите судови и институции треба да се изнесат за сите аспекти, пред да се оди на мериторно одлучување во Стразбур“ рече Маричиќ.
Премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање за одлуката на Европскиот суд за човекови права кој едногласно ја прогласи за недопуштена жалбата во предметот „Талески и другите против Северна Македонија“ истакна дека ова е огромна победа и огромен успех на нашата држава.
„ Прво, ова е огромна победа и огромен успех на нашата држава. Македонскиот тим навистина даде се од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај. Би сакал да изразам огромна благодарност за нивната посветена работа во текот на изминатиот период. Со одлуката на Судот во Стразбур која во случајов е во корист на државата, жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.
Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на Судот во Стразбур.
Особено е важно да се исткане дека спротивно на тврдењата на апликантите, Судот не утврди прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права.
Ова е победа и на државата и на правдата и на правосудниот систем. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови.
Ние сме држава членка на Советот на Европа, нашата посветеност на владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат се неспорни во голем број други случаи, рече вчера Ковачевски.
И претседателот Стево Пендаровски ја поздрави одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесена вчера наутро.
По објавувањето на одлуката од страна на Европскиот суд за човекови права, претседателот ја разгледа со советничкиот тим и смета дека сите засегнати со постапките поведени од страна на Обвинителството и судовите во државата треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур.
Со ова факт е дека аболицијата на екс-претседателот Ѓорге Иванов е незаконска и пропадна.