Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за „Аргумент+“ рече дека економскиот развој и влезот на Северна Македонија во ЕУ се процеси кои не можат да се водат одвоено и дека ако сакаме државата да оди напред и младите да останат во неа, опозицијата мора да даде поддршка за преговорите со ЕУ.
– Процесите на нашиот економски развој, отселувањето на младите луѓе и влезот во ЕУ не можеме одвоено да ги водиме. Ако сакаме економски развој и ако сакаме младите луѓе да ги задржиме дома, па и оние коишто сакаат да градат кариера, опозицијата мора да сфати дека е неминовно да продолжат преговорите со ЕУ, изјави Маричиќ.
Вицепремиерот не верува дека ВМРО-ДПМНЕ ја сфаќаат одговорноста и сериозноста на евроинтегративниот процес и дека доколку сакаме да заглавиме и да чекаме, никој ништо нема да ни рече, но штетата ќе биде наша, ќе го изгубиме времето и веројатно ќе го пропуштиме и моментот.
– Нивната цел беше да потпишуваат некои потврди дека никогаш нема да гласаат. Што тоа може да донесе на оваа држава? Еве да речеме дека не гласаме или да ги лажеме граѓаните дека можеме да преговараме уште пет или десет години за да се надеваме на некој подобар договор. Мислам дека имаме договор што ни гарантира брз почеток на наредната фаза од преговорите, што ни покажа дека сме многу напред во однос на многу прашања дури и во однос на оние држави коишто преговараат десет години и тоа е шанса за нас, посочи Маричиќ.
Тој смета нема никаква логика да се поврзуваат уставните измени со парламентарни избори, кои според него треба да се случат вгодина, но доколку опозицијата е подготвена да гласа за уставните измени Маричиќ вели дека се спремни да разговараат за деталите и под кои услови би гласале.
– Треба да сфатиме дека не е возможно да притискаме на кошница и на гас во исто време, значи не можеме да велиме дека сме за ЕУ, а притоа да не ги носиме одлуките коишто нè носат таму, порача Маричиќ и посочи дека оваа година е клучна за разрешување на овие дилеми и дека не е возможно демагошки и не е искрено и чесно да се тврди дека се за членка во ЕУ, но ако може ние да ги напишеме условите и под тие услови да влеземе, ниту една држава де влегла по свои услови.
Вицепремиерот за европски прашања кој воедно е и претставник на Владата за контакт со Собранието, кажа дека има комуникација со пратениците и смета дека треба да се воспостави еден конструктивен дијалог, преку Националниот совет за одредени прашања и да се тргнат политичките разлики на страна, во интерес на граѓаните.
– Имаме една генерална временска рамка до 2023-та година да ги направиме уставите измени и доколку сакаме да го одржиме чекорот којшто ни е зацртан со преговарачката рамка и со сите одлуки од минатата година од 2022, треба да ги исполниме, рече Маричиќ додавајќи дека досега сме биле безброј пати раздвоени од држави кои веќе ги завршиле преговорите.
– Сме биле разделени од Хрватска со којашто сме почнале на почеток заедно. Сме биле разделени од Србија и Црна Гора пред 11 години. Нема да биде прв пат да останеме, но тоа секогаш било на наша штета. И секогаш од секое разделување ние сме трпеле штета, а државите коишто ги отвориле преговорите отишле напред. И гледате денеска Хрватска е членка веќе 10 години, од неодамна и во Шенген зоната, Србија и Црна Гора преговараат 10 години. Не би сакал да коментирам колку им е успешно и како, но наша обврска е да не губиме веќе време. Да не губиме веќе време за овие и за следните генерации, порача главниот преговарач со ЕУ Маричиќ во „Аргумент+“