Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МакедонијаТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Кризната 2022 година ја завршивме со рекорден изонос на странски инвестиции

„Во 2022 година, една од најкризните години во Европа и светот, фактите покажуваат дека имаме рекорден износ на странски директни инвестиции – 430 милиони евра, во технолошко-индустриските развојни зони. Отворени се нови 2.300 нови работни места, со плати повисоки од државниот просек“ рече премиерот Димитар Ковачевски на годишната конференција „Година на нови можности“.

Тој додаде дека со цел помош на компаниите, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во 2022 година е исплатена државна помош од 23 милиони евра за 410 компании, кои вработуваат над 27 илјади лица.

„Ако ги погледнеме капиталните инвестиции, во 2022 година реализирани се 90 проценти од планираните капитални проекти, што е највисок остварен процент во претходните 10 години, во вредност од 465 милиони евра“ рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека се градат и рехабилитираат 44 експресни, магистрани и регионални патишта, а тече изградбата и реконструкција на автопати во должина од 59 километри.

„Во образованието, завршена е изградбата на 3 училишни објекти и уште 3 се во фаза на градба. Завршена е реконструкцијата на 29 училишни објекти и е започната во 21 училиште. Како што најавиме, следува реконструкција на 118 училишни објекти“ рече Ковачевски и најави целосна реконструкција на сите девет државни студентски домови.