Утре ќе започне Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Со учесници од: Кина, Виетнам, Соединетите Американски Држави, Австралија, Турција, Полска, Словенија, Чешката Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Руската Федерација, Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина. Зимската школа веќе е традиционална програмска активност на МСМЈЛК при УКИМ и се одржува виртуелно, а годинешното нејзино издание ќе биде во чест на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов, по повод 100 години од неговото раѓање. Со неа ќе започне спроведувањето и на националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“.
Свеченото отворање на Школата ќе се одржи утре (23 јануари 2023 година, понеделник), на платформата Зум, со почеток во 9 часот, при што поздравни обраќања пред учесниците ќе одржат претседателот на државата и покровител на националната програма за чествување на големиот јубилеј, Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, по што ќе се обрати и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Веднаш по отворањето, Школата ќе започне со интензивна работа, со вкупен фонд од по 30 часа за сите групи според степенот на познавање на македонскиот јазик и интересот искажан од учесниците при пријавување на учеството – основно, средно и напреднато рамниште. Наставата за семинаристите од напреднатото рамниште, во целост ќе биде посветена на поезијата на Ацо Шопов, што се очекува да придонесе за нови исчитувања на неговото творештво на странски универзитетски центри, нови книжевни преводи и можни проекти со кои делото на македонскиот книжевен великан дополнително ќе се афирмира во странските културни средини
Покрај веќе познати имиња од славистичкиот свет – посветеници на македонистиката, меѓу кои се и универзитетски професори, истражувачи, како и веќе познати книжевни преведувачи, на Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ се очекува бројно учество на понови кадри од повеќе странски држави.
Третата зимска школа ќе трае до сабота – 28 јануари 2023 година, а по нејзиното одржување, во текот на оваа година, МСМЈЛК при УКИМ планира и други активности посветени на Шопов, од кои повеќето веќе се опфатени во националната програма „2023, година во чест на Ацо Шопов“.
Инаку, Зимската школа на МСМЈЛК при УКИМ за првпат се одржа во 2021 година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески и значајно дополнување на редовните активности на МСМЈЛК при УКИМ, а мината година веќе се потврди дека таа ќе прарасне во традиција, во рамките на остварувањето на мисијата за афирмација и развивање на македонистиката на странските универзитетски центри и воопшто во странските културни средини.