24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Како Влада го избираме патот на инклузија, на социјална правда и еднаквост

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се обрати на регионалната конференција „Модели за инклузија на малцинствата и ранливите групи во Западен Балкан – Споделување добри практики и препораки за подобрено креирање политики“, организирана како дел од проектот „Унапредување на моделите за инклузија на малцинствата и зајакнување на испораката на услугите во општинските структури во Западен Балкан“. На конференцијата беа присутни и директорот на ГИЗ за Република Северна Македонија и Косово, Давид Оберхубер, извршниот директор на НАЛАС, Клеменд Зајази, и канцеларката на одделот за малцинства на државата, Линда Пипер.

„Како Влада го избираме патот на инклузија, на социјална правда и еднаквост. Носиме мерки, закони и одредуваме една рамка по која сите треба да се водиме во нашето општество затоа што целта е една – еднакви можности за сите сограѓани. Затоа што само со меѓусебна почит и олеснето функционирање, без предрасуди, можеме да бидеме успешна држава која напредува“, рече Тренчевска.

Министерката ја истакна работата на Владата во изминатиот период и посочи дека со спроведувањето на социјалната реформа поттикната се плурализацијата и децентрализацијата на социјалните услуги. Таа рече дека воведувањето на социјалните услуги без нивно доближување до лицата што имаат потреба од нив нема да донесе успех.

„За побрз развој на испорака на социјалните услуги од страна на општините, Министерството за труд и социјална политика спроведува проект за зголемување на пристапот до социјалните услуги и подобрување на нивниот квалитет за што обезбедивме вкупно 10,8 милиони евра за период на имллементација од 5 години“, изјави Тренчевска.

Таа се осврна и на инклузијата на ромската заедница и посочи дека со оперативниот план за вработување, во согласност со мерките за вработување, во 2022 година опфатени се 105 лица Роми. Министерката ги посочи и заложбите за инклузија во градинките на децата Роми.

„Учебната 2021/2022 е четврта година по ред со заклучок од Владата на Република Северна Македонија, каде што децата Роми од социјален ризик, кои се вклучени во предучилишното образование, се ослободуваат од плаќање партиципација“, рече Тренчевска.

На крајот од своето обраќање министерката истакна дека работата на Министерството за труд и социјална политика е во насока на поддршка на секој во општеството и овозможување еднакви можности за сите.