Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+БизнисВо тренд...

Дали со растот на платите и пензиите се намали и сиромаштијата?

Борбата против сиромаштијата и подобрувањето на стандардот на живот, барем декларативно, е заложба на сите политички партии кои излегуваат и ја бараат довербата од граѓаните на изборите. Отворањето на повеќе работни места, повисоки плати за сите работници и помош за справување со предизвиците на глобалниот свет се само дел од активностите кои владите треба и ги преземаат за тоа. Сепак, гледајќи ги бројките, очигледно е дека различните влади постигнале различни резултати, базирано врз основа на реалната грижа за граѓаните.

СИСТЕМСКО, НАСПРОТИ ПРЕДИЗБОРНО РЕШЕНИЕ ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

Доколку се споредува минималната плата, повеќе од очилгедно е дека социјалдемократските политики на СДСМ се тие кои носат поголем бенефит за граѓаните, во однос на популистичкиот однос кон минималната плата што го имаше ВМРО-ДПМНЕ до 2016 година. Од 2012 до 2016, кога Владата ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ минималната плата од 8050 денари се искачи едвај до 10080 денари, најчесто како предизборен обид за добивање гласови.

Ситуацијата со минималната плата драстично се смени по промената на власта. Во 2017 година, минималната плата се искачи на 12000 денари, а во 2022 таа достигна 18000 денари. Но, освен покачувањето на 18000 денари, Владата, заедно со синдикатите и претставниците на работниците изготвија и методологија за систематско зголемување на минималната плата. Отсега, покачувањето на минималната плата нема веќе да зависи од волјата на Владата и министрите, туку таа ќе се покачува согласно растот на трошоците за живот и растот на просечната плата. Така, според оваа пресметка од март оваа година, минималната плата треба да достигне 19600 денари.

Растот на минималната плата, очекувано предизвика и раст на останатите плати во државата, со што и просечната исплатена нето плата драстично порасна. Доколку просечната нето плата исплатена во октомври 2012 година изнесуваше 21 илјади денари, во октомври 2022 таа беше над 33 илјади денари.

Растот на платите од 2018 до 2022, време одбележано од глобална здравествена, енергетска и економска криза е постојан и неспоредливо поголем од растот од 2012 до 2016 година, кога светот не беше погоден од кризи, но Македонија беше заробена од популистичка партија.

Просечната плата од 2012 до 2016 година се искачила само 1400 денари, од 21031 денар во октомври 2012 до 22460 во октомври 2016 година. За разлика од тоа, просечната плата од 2018 до 2022 година забележува забрзан раст. Во октомври 2018 година таа била 24817, додека во октомври 2022 година се искачи на 33104 денари.

Ова значи дека одговорните политики, вистинската економска визија, заедно со растот на минималната плата ги покачија платите за сите вработени во земјава и покрај светските кризи кои ги потресоа и најголемите економии.

ВО 2012 СО ЧЕТИРИ МИНИМАЛНИ ПЛАТИ СЕ ПОКРИВАШЕ ПОТРОШУВАЧКАТА КОШНИЧКА, ВО 2021 СО ДВЕ

Сепак, анализирањето на платите не е доволен показател за подобрување на стандардот на граѓаните, доколку не се спореди со цените, однсоно со минималната потрошувачка кошничка. Гледајќи ги податоците за октомври 2012 година, кога потрошувачката кошничка пресметана од Сојузот на синдикати изнесуваше 31989 денари потребни беа четири минимални плати за едно домаќинство да може да ја обезбеди.

Ситуацијата не беше ништо подобро ни во октомври 2016 година, последната година пред промената на власта, кога минималната потрошувачка кошничка беше 32254 денари и беа потребни 3,2 минимални плати од 10080 денари за едно домаќинство да може да си обезбеди достоинствен живот.

По прoмената на власта и куповната моќ на граѓаните пресликана преку минималната потрошувачка кошничка се менува. Во октомври 2018 година, потрошувачката кошничка, според ССМ изнесува 32507 денари и се обезбедува со 2,7 минимални плати од 12000 денари. Ситуацијата значително се подобрува во октомври 2021 година и покрај борбата со ковид пандемијата, па кошничката од 34574 денари се обезбедува со 2,28 минимални плати од 15194 денари.

Глобалната енергетска, но пред се ценовна и економска криза во 2022 година не дозволија подобрување на овој сегмент, но сепак ситуацијата дури и во октомври 2022 година е далеку подобра од таа пред 2016 година. Во октомври 2022 година потрошувачката кошничка пресметана од Сојузот на синдикати изнесува 51514 денари и се обезбедува со 2,86 минимални плати од 18000 денари.

Тоа значи дека најранливите категории на граѓаните, кои добиваат минимална плата и во најголемата криза по Втората светска војна која го тресе светот имаат подобар животен стандардот отколку пред 2016 година кога со земјава владееше ВМРО-ДПМНЕ.

Кога на платите ќе се додадат и навремените мерки кои Владата ги пласира за обезбедување на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во време на криза, станува очигледно која Влада сериозно ги сфатила ветувањата за подобрување на животот на граѓаните, а која тоа го прави само декларативно.

НАВРЕМЕНИ И ТАРГЕТИРАНИ АНТИКРИЗНИ МЕРКИ

За справување со последиците од КОВИД-19 пандемијата, Владата креираше и спроведе шест пакет мерки со вкупна вредност од речиси 1,2 милијарди евра со која се обезбеди помош за сите засегнати индустрии и граѓани.

Со првиот пакет мерки се обезбеди парична помош за граѓаните со цел поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности, а вториот пакет обезбеди директна поддршка за стопанството со цел иновативност и развој, за зачувување на постојните и за нови работни места. Третиот пакет мерки беше насочен за земјоделците, со цел да се обзбеди македонска храна од македонска земја, а четвртиот пакет мерки беше директна помош за лицата без работа, за спортистите, за уметниците и туристичките работници кои беа најпогодени од кризата.

Петтиот пакет мерки беше наменет за граѓаните и реалниот сектор за стабилна и развојна економија преку даночни олеснувања и одложување на долгови, додека шестиот пакет мерки им помогна на дејностите кои беа целосно затворени со цел превенирање на ширењето на коронавирусот, како и за подобрување на ликвидноста на компаниите кои инвестираат.

Овие пакети мерки покажаа дека Владата се грижи за сите граѓани подеднакво и не дозволија никој да остане заборен во време на светска здравствена криза, која ја раздрма целата глобална економија.

Навремени, правилно креирани и имплементирани се и мерките на Владата за справување со ценовните шокови, обезбедувањето на храна и енергенси и во актуелната енергетска, економска и ценовна криза која настана по руската инвазија на Украина.

Владата во 2022 година донесе два пакети антикризни мерки со вкупна вредност од над 760 милиони денари со кои се заштитија најранливите категории на граѓани, но и се обезбеди ликвидност за компаниите.

Освен тоа, владините претставници беа активни и во обезбедување на доволни количества на енергенси и храна по прифатливи цени. Цената на струјата која ја плаќаат домаќинствата се задржа на исто ниво, а со зголемување на домашното производство таа и целосно обезбедена од домашните извори. Во изминатава година сметките за струја кои ги добиваат граѓаните се субвенционирани од страна на Владата и тие би биле за 73 отсто повисоки без поддршката.

За компаниите од прехранбената индустрија, училиштата и водостопанствата, Владата исто така обезбеди субвенционирана цена за струјата, а се повеќе компании одлучуваат и се пријавуваат за оваа мерка.

Директна помош добија и социјалните случаи, невработените, како и пензионерите со ниски пензии, а со навремено преземените мерки започна и намалувањето на цените на прехранбените производи.

Антикризните мерки на Владата и за справување со последиците од пандемијата, но и за надминување на енергетската, ценовната и економската криза во 2022 година беа пофалени и од меѓународните институции како ММФ и Светска банка како навремени и најголеми во регионот.

Овие резултати и податоци само покажуваат дека борбата за подобар живот на граѓаните треба да биде со дела, а не со декларативни заложби. Дополнително, влезот во НАТО и започнувањето на преговорите со ЕУ само ќе отворат нови можности за инвестиции и развој на македонската економија, па оттаму станува и јасно зошто одредени политички субјекти се против брзата интеграција на Северна Македонија во овие меѓународни институции.

извор: Frontline.mk