Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Oдбележување на петнаесет години од хеликоптерската несреќа кај Блаце

Со едноминутно молчење и полагање на свежо цвеќе, на спомен-обележјата кај Катлановско Блаце и пред Командата на воздухопловниот ВИНГ, денес се одбележаа петнаесет години од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа единаесет припадници од составот на воздухопловниот ВИНГ, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА.

На спомен-обележјето во Катлановско Блаце, покрај членовите на семејствата на загинатите припадници, свежо цвеќе положија делегација од Министерство за одбрана и Генералштабот на Армијата, составена од заменик министерот за обрана, Башким Хасани и директорот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Зоран Милески, од кабинетот на претседателот и врховен командант на Вооружените сили, од општината Петровец, Командата за операции, воздухопловниот ВИНГ и прва пешадиска бригада.

Петнаесетгодишнината од хеликоптерската несреќа, беше одбележана од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ и пред спомен-обележјето во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец.

Почит на загинатите им беше оддадена и во базата Бутмир во Сараево, во меморијалниот парк со комеморативна церемонија во чест на единаесетте загинати припадници од македонскиот контингент во мисијата АЛТЕА во БиХ.

Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред петнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично ги изгубија животите потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.

Спонзорирано: