23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Скопје 2023: Загаден град без јавен превоз и без решенија на повидок, граѓаните оставени сами на себе

За скопјани новата година започна исто како што заврши и претходната, Скопје е на врвот на најзагадени градови во светот.

Истовремено, граѓаните се уште мака мачат со јавниот автобуски превоз откако веќе два месеци приватните автобуски превозници не возат поради неисплатени долгови од Град Скопје.

Преполни постојки, автобуси што доцнат и нервозни возачи и патници е секојдневната слика во главниот град.

На социјалните мрежи се множат нервозни и нападни коментари на револтирани граѓани кои се насочени кон градската власт, а тоа можевме да го забележиме и на една од постојките.

„Автобус кога има кога нема, не е точен распоредот на дисплејот, а не е точен ниту распоредот на веб сајтот на ЈСП. Лотарија е дали автобусот што го чекате ќе дојде на време. Вака е од пред Нова година“ изјави Стојан И. од скопската населба Мичурин.

Неговиот став го дели и скопјанката Весна М. од скопско Маџир Маало која исто така не е задоволна од услугите на ЈСП.

„Одам и се враќам за време на „шпицовите“ наутро и попладне, така што автобуси има на време, но возењето е неподносливо. Премногу патници има гужви огромни, сите автобуси се валкани, полни со прашина и ѓубре“ вели таа.

Но за сето ова, со денови молчи градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, како и мнозинството во Советот кое е предводено од ВМРО-ДПМНЕ.

Досега нема ниту една конкретна идеја како би се надминал проблемот со загадувањето, но и колапсот на јавниот автобуски превоз.

Советничката група на СДСМ со поддршка од советниците од ЛДП и ДОМ денес до Советот достави иницијатива за одржување на вонредна седница на советот на тема борба против загадувањето.

Социјалдемократите предлагаат и дополнително седум точки со кои би се намалило загадувањето на главниот град.

Се уште не се знае дали оваа иницијатива ќе биде прифатена, имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ, партијата која го предводи мнозинството во Советот, тврди дека нема никаква потреба од вонредна седница.

Поделеноста во Советот, кавгите меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, но и двојно намалениот буџет за животна средина, како и неуспешните јавни повици за дел линиите кои ги оперираат приватните превозници, за сега не ветуваат дека проблемите ќе се решат набрзо.

Останува впечатокот дека нема никаква решенија на повидок, па скопјани ќе мора како и досега самите да се снаоѓаат и да бараат излез од неповолната ситуација.

извор 24инфо.мк