27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Промоција на истражување: Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија

На 1 декември 2022 ЕСТИМА и Фондацијата Конрад Аденауер организираа панел дискусија за промоција на истражувањето на тема Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија.

Настанот го отвори директорот на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденаур во Скопје Даниел Браун, кој се осврна на долгогодишната активност на Фондацијата во Северна Македонија и на важноста од темата на истражувањето. Светската политичка сцена доживува големи промени, се поизразени се разликите/спротивностите помеѓу политичките системи во земјите од светот и ова претставува се поголем предизвик кога зборуваме за соработка помеѓу одредени земји во многу области – укажа Браун во своето воведно обраќање.

По неговото излагање авторката на публикацијата и претседателка на ЕСТИМА, д-р Ана Крстиновска, ги претстави главните аспекти на истражувањето кое се заснова на оригинална методолошка рамка и собрани емпириски податоци преку анкета, фокус групи и интервјуа со различни целни групи. Имено, според наодите, во накедонскиот медиумски простор има сериозен недостиг од кредибилни информации, аналитички содржини и јавна дебата за Кина и нејзиното присуство и активности во државата. Додека Кина главно ужива позитивна репутација кога станува збор за економските и културните теми, постои свесност дека станува збор за авторитарен режим со контролиран проток на информации, што има влијание врз перцепцијата кај македонските граѓани. Иако Кина се смета дека има ограничено влијание во државата и досега нема некои позначајни придобивки од економската соработка, нејзината економска моќ игра клучна улога во градењето очекувања и перцепции кај граѓаните, заедно со културата која останува малку разбрана и невлијателна.

По претставувањето на клучните наоди следуваше излагање на д-р Кристофер Неринг, соработник на Фондацијата Конрад Аденауер на Програмата за медиуми во Југоисточна Европа при Универзитетот „Св. Климент Охридски “ – Софија кој направи паралела со кинеското присуство и меката моќ во Бугарија. Неринг се осврна на новите тенденции во користењето на алатките за мека моќ од страна на Кина, со посебен акцент на соработката и синергијата меѓу Кина и Русија и делувањето на Конфуциј Институтите во Бугарија. Преку практични примери ги илустрираше различните толкувања и наративи во Кина наспроти демократскиот свет кога станува збор за случувањата од Тиенанмен или војната во Украина.

Потоа следуваше и обраќање од страна на Антонио Молошоски, претседател на Парламентарната комисија за надворешна политика и член на Интернационалната парламентарна алијанса за Кина (ИПАК) кој се осврна на политичките импликации од кинеското присуство во државата. Во неговото излагање тој даде краток осврт на актуелната политичка ситуација во Кина, особено од изборот на Претседателот Си наваму, и импликациите на глобално ниво, вклучително и за регионот. Ги претстави активностите на Меѓународната парламентарна алијанса за Кина која претставува неформално здружение на парламентарци од целиот свет во коешто од неодамна е застапена и Македонија.

Дискусијата ја модерираше проф. д-р Христина Рунчева-Тасев од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје.

Целото истражување е достапно тука.