Музафер Каришиќ од СВР Скопје има сертификат строго доверливо, тврдат од МВР во одговор на прашање на нашата редакција во врска со Фејсбук постот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски дека Каришиќ немал безбедносен сертификат.
-Лицето за кое прашувате на 24.01.2022, по извршени безбедносни проверки, односно по завршување на безбедносната проверка од страна на надлежните органи, добива национален безбедносен сертификат за пристап до документи со степен на класификација „Строго доверливо“ со важност до 24.01.2032. Тој и претходно (13.10.2009 година и 11.06.2015 година) го добивал истиот сертификат. Имајќи го предвид фактот што на 27.12.2019 година стапи на сила новиот Закон за класифицирани информации кој во член 41,став1,алинеја 3 и член 50, став 1 алинеја 6 (Службен весник на РСМ, бр. 275 од 27.12.2019 година) утврдува дека за издавање на безбедносен сертификат со степен на класификација „Строго доверливо“ подносителот на барањето покрај македонското државјанство потребно е да не е државјанин на држава која не е членка на НАТО, на лицето му е укажано дека доколку сака да има пристап до документи со степен на класификација „Строго доверливо“ потребно е да се откаже од државјанството на другата држава, што тој и го направил, односно се откажал од двојното државјанство, по што, на 24.01.2022 година по извршени безбедносни проверки, односно по завршување на безбедносната проверка од страна на надлежните органи, лицето добива национален безбедносен сертификат за пристап до документи со степен на класификација „Строго доверливо“ со важност до 24.01.2032 година, велат од МВР.