26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Како Арсовска ги „извозе“ Скопјани? – Ем без превоз, ем без автобуси, ем плаќаат камата од 350.000 евра

Од државниот буџет се плаќаат 350.000 евра годишно камата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) оти градоначалничката Данела Арсовска не ги користи парите од кредитот во висина од 70 милиони евра за воведување Бас рапид транзит систем (БРТ) односно не го гради автобуското метро во Скопје.

Парите стојат нечепнати односно не се користат и поради тоа државата плаќа камата, бидејќи Арсовска од доаѓањето на функција лани во ноември кажа дека нема да го прави автобуското метро. Рече дека тоа било проект на нејзиниот претходник Петре Шилегов, а граѓаните ја избрале нејзе и нејзиниот проект за 250 еколошки автобуси.

Парите не можат ниту да се пренаменат и да се користат за друг проект, оти во договорот со ЕБОР стои дека тие се одобрени токму затоа што БРТ е високо оценет од европските експерти како зелен проект кој ќе овозможи еколошки и побрз транспорт во градот.

Од Министерството за финансии неколку пати побарале одговори од Арсовска што планира да прави со овој проект, но таа ги ингорира и не им одговара на прашањата и повиците.

Според министерството за Финанси, имплементацијата на проектот за воведување БРТ транспорт е во надлежност на Град Скопје, од каде Министерството за финансии, иако има испратено во неколку наврати писмено барање, нема добиено повратна информација за статусот и плановите за реализација на проектот.

Условите за користење на средствата се утврдени со Договорот за заем. Бидејќи реализацијата на проектот не е почната, согласно договорот, средствата не се повлечени и стојат на сметка на ЕБОР. Согласно условите на неповлечените средства се плаќа камата од 0,5 % на годишно ниво.

А скопјани веќе четврт ден  се соочуваат со метеж во јавниот автобуски превоз, откако превозниците на „Слобода превоз“ стапија во штрајк поради неисплатени обврски кон нив.

Но, проблемот со јавниот превоз тлее со месеци. Прво ЈСП стапи во штрајк и за првпат во 70ина години главниот град остана без јавен превоз, а откако вториот помал приватен превозник „Макекспрес“ се побуни за неисплатените обврски од страна на градот, Арсовска експресно го раскина договорот со нив.

Отсуството на „Макекспрес“ и штрајкот на „Слобода превоз“ ги десеткуваше автобусите на линиите, кои ЈСП се труди да ги покрие со свои автобуси но епилогот од сетот тоа е преполни автобуси, нервозни патници и незадоволни возачи.

Арсовска за време на капмањата се возеше во автобус, вети бесплатен  јавен превоз за сите и 250 нови автобуси.

Арсовска не ја интересира јавен интерес

-Ние како советници немаме никаков увид штосе случува во Град Скопје, бидејќи и на влезот и на излезотимамаксимална контрола. Исто така Арсовска не одговара ниту на советнички прашања, зошто дел од проектите се започнати, улиците се блокирани, а нема реализација, вели за ЦИВИЛ медиа советничката Љубица Јанчева.

Таа додава дека токму поради лошите одлуки на на Арсовска и инаетењето затоа сега граѓаните се без превоз, а ЈСП нема доволно автобуси да ги покрие приватните линии, а идаги има физички тие не се исправни ниту пак има доволно возачи.

-Начинот на плаќање кон приватните превозници е систем кој постои со години, а токму тој единствен  тарифен систем го поддржуваа сите градоначалници досега во интерес на граѓаните. Токму затоа пред да се направи некаква промена во овој систем беше одобрен проектот за Бас рапид систем, но и тоа не и се допаѓаше, додава таа.

Јанчева вели дека Булеварот Србија, во насока кон Гази Баба е тесно грло поради непуштениот мост Михајло Апостолски, а со реконструкцијата се прави и дополнително оптоварување надвор од градежната сезона, која ја најави самата градоначалничка.

Таа додаде дека завршија сите три фази од предвидената градежна сезона, а реализација немаше, туку реконструкциите се вршат сега со почната учебна година, кога денот е помал.

-Згора на тоа, работите не се одвиваат со интензивно темпо. Слична е ситуацијата и на излезот од општина Аеродром, бидејќи кон центар се реконструира булевар Кузман Јосифовски Питу. Трета недела се раскопани двете ленти, а не гледаме дејствија, рече Јанчева.

Советничката изјави дека тие како советници од медиумите добиваат информации за динамиката и планот за реконструкција на булеварите, бидејќи тоа не може да го добијат од градоначалничката.

Не знам од каде ќе се најдат пари за приватните превозници, вели Славески

Ни бесплатен превоз, ни 240 нови автобуси, па ни сто. Ништо од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Данела Арсовска од кампањата за локалните избори во Скопје. Сега Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје, вели дека не знае од каде ќе се најдат пари да се платат приватните превозници, па тешко и да за плати во ЈСП, а не да се мисли за проекции за иднината.

Зборувајќи на ТВ 24 Славески рече дека советниците немале ниту информација за заостанатите три плати во ЈСП ниту пак за најавениот штрајк на вработените, додавајќи дека издвојувањето на 133 милиони денари од другите ставки на градскиот буџет било изнасилено решение со давање задачи на градоначалничката да се реши ситуацијата.

Според него, не е јасно од каде ќе се најдат пари исплата приватните превозници, посочувајќи го директорот на ЈСП неговото лошо менаџирање како голем виновник.

-Сега испаѓа дека оваа дупка на ЈСП била многу поголема. Станува збор за побарувања од страна на приватните превозници од околу еден милион евра, тоа е застрашувачка цифра и јас не знам од каде ќе се обезбедуваат тие пари, бидејќи изгледа дека  ЈСП не продуцира доволно приходи поради најверојатно лошо менаџирање, како и поради онаа обврска која Град Скопје ја испорачува кон Владата од околу 2 милиони евра за бесплатниот превоз. Значи, ние се наоѓаме затечени од целата ситуација, рече Славески.

С.Танеска

извор: Civilmedia.mk