Програмата за Овластен економски оператор ја олеснува и забрзува трговијата, обезбедува конкурентска предност и нови деловни можности за компаниите. Оттаму многу е важно во оваа иницијатива, покрај Царинската управа како носител, да бидат вклучени и останатите институции со надлежности на граничните премини, како Агенцијата за храна и ветерина и Фитосанитарна управа. Ова се едни од суштинските заклучоци на денешниот настан „Подигнување на ефикасноста на ОЕО програмите преку вклученост на останатите гранични институции“ во организација на Проектот за економски развој и раст на претпријатија на УСАИД, на кој поздравно обраќање имаше директорката на Царинската управа, Славица Кутиров.
На настанот се обрати и претставничката на Канцеларијата на УСАИД во РС Македонија, Џери Дајбл, а учествуваа и повеќе национални и меѓународни експерти од областа на олеснување на трговијата.
“Преку Програмата за меѓусебно признавање на ОЕО статусот помеѓу ЦЕФТА страните, се завршени подготовките и веќе се имплементира Протоколот за меѓусебно признавање на компаниите кои се стекнале со статус на ОЕО со Србија и од неоддамна со Албанија. Овие активности се насочени кон подобрување на услугите за економските оператори, подобрување на меѓународната соработка, како и заеднички заложби на сите институции вклучени во прекуграничната трговија“, истакна Кутиров.
Во моментов има 24 компании со статус на ОЕО во нашата земја, кои се вклучени во околу 50% од вкупниот обем на трговија според вредност.
На настанот, директорката Кутиров, најави дека од денес се става во функција новината во царинското работење со кое царинската постапка завршува за еден час со т.н. зелена царинска декларација.
„Со задоволство може да кажам дека пуштаме во оперативна примена значајна новина во царинското работење која овозможува целосно автоматско завршување на царинската постапка за еден час од поднесувањето на царинската декларација. Истата ќе важи за т.н зелени царински декларации, односно декларации кои се правилно пополнети, со електронски приложени сите документи и кои системот ги селектирал како неризични, односно кои не подлежат на дополнителни проверки и контроли, и за кои платени или обезбедени царинските давачки. Од ова особено ќе имаат корист и компаниите кои поседуваат одобрение за Овластен економски оператор, како доверливи економски оператори, препознаени во процесот на анализа на ризик.“, вели Кутиров.