11.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Министерот Оливер Спасовски на средба со австрискиот колега Герхард Карнер: Ја продлабочуваме традиционално добрата полициска соработка со Австрија

Денеска, (23.11.2022), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Виена, во австриското Сојузно Министерство за внатрешни работи, оствари билатерална средба со Сојузниот министер за внатрешни работи на Република Австрија, Герхард Карнер.

На средбата, министерот Спасовски се заблагодари за поканата и истакна дека денешнава средба е уште една потврда за традиционално добрата соработка помеѓу двете министерства и двете земји, особено по стапувањето на сила на Договорот за полициска соработка меѓу двете Влади.

„Полициската соработка редовно се реализира преку размена на информации, експертски средби, заедничка реализација на проекти и оперативни акции, во рамки на оперативната соработка со Frontex, како и во рамки на неколку меѓународни иницијативи, платформи и партнерства”, рече министерот Спасовски, потсетувајќи дека во насока на справување со илегалната миграција на 26 октомври оваа година беше потпишан Договорот со FRONTEX, кој има оперативно и политичко значење и за Република Северна Македонија и за Европската Унија.

Министерот Спасовски упати благодарност до австрискиот колега Карнер за учеството на австриските полициски службеници во заедничките операции на нашата јужна граница, што значително придонесоа во зајакнување на капацитетите на нашата гранична полиција и секако во борбата против илегалната миграција и криумчарењето мигранти.

„Во досегашното отсуство на Договорот со Фронтекс, Заедничката операција беше од огромна помош и поддршка, а се покажа и како една од најуспешните операции од ваков тип, со оглед на фактот дека на национално ниво годишно се спречуваат над 20.000 обиди за илегално минување од кои речиси 90% се спречени на јужната граница”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека во Северна Македонија, спречени се 22.806 обиди за илегално преминување на границите или речиси пет илјади обиди повеќе во споредба со истиот период лани.

Спасовски изрази благодарност за заложбите на Сојузното Министерство за внатрешни работи на Република Австрија за спроведување на иницијативата за „Заедничка координативна платформа“ која има голем потенцијал да преземе водечка улога во координацијата на активностите за ефикасно справување со илегалната миграција.

„Иницијативата ги идентификува и ги сублимира во себе потребите во клучните области – гранично управување, азил, враќање и борба против трговијата со луѓе. Таа, воедно го препознава регионалниот пристап и развојот на односите со земјите на потекло како неопходни за воспоставување одржливо враќање, а посветува внимание на различните форми на враќање – доброволно и присилно, како и на различните фази при враќањето, односно активности во подготвителна фаза – пред враќање, враќање, како и активности по враќањето”, рече министерот Спасовски.

Во однос на билатералната соработка, министерот Спасовски рече дека истата многу често се рефлектира и во заедничкото дејствување во меѓународните организации во кои што членуваат и двете земји односно двете Министерства за внатрешни работи. Тука е и соработката во рамки на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика со седиште токму овде во Виена во рамки на кој задоволство ми е да информирам дека во зачеток е спроведувањето на инцијативата на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија за воспоставување соработка со земјите на потекло на мигранти”, информираше министерот Спасовски, при што додаде дека како транзит земја Република Северна Македонија и земјите од регионот на Западен Балкан имаат потреба од формализирање на соработката со земјите од Патот на свилата заради осигурување ефективен механизам на враќање на мигранти како еден од клучните предуслови за ефикасен систем за гранична безбедност.

„Тоа за нас претставува еден од најголемите предизвици со оглед на фактот дека главен проблем е немањето на договори за реадмисија со најголем дел од земјите на потекло, поради непостоење ма дипломатска мрежа во критичните региони и фактот што најголем дел од земјите од потекло се претставени со нерезидентни дипломатско – конзуларни претставништва. Се надевам дека по првичното воспоставување на контакти и презентирање на проблемите со кои се соочуваат и земјите на потекло и земјите на транзит, ќе најдеме заедничко решение и ќе успееме во преговарање и потпишување на договори за реадмисија”, истакна министерот Спасовски.

На крајот од средбата, министерот Спасовски ја изрази својата лична и искрена благодарност за поддршката на Република Австрија во сите досегашни напори на Република Северна Македонија и на политичко и на оперативно ниво, со надеж дека со меѓусебна поддршка, истрајност и меѓусебна соработка ќе се победи во борбата против организираниот криминал и сите останати видови криминал со кои се соочуваме.

Министерот Герхард Карнер му посака добредојде на министерот Спасовски поздравувајќи ја одличната соработка помеѓу нашите две министерства и изразувајќи уверување за нејзино интензивирање и во наредниот период. Австрискиот министер Карнер упати посебна благодарност и почит кон нашите заеднички тимови полициски службеници задолжени за граничната контрола на границата со Република Грција за нивниот ангажман и посветеност во заштитата од илегалната миграција и криумчарењето на мигранти, ценејќи и вреднувајќи ги сите овие заеднички активности со цел зачувување на границите а со тоа и безбедноста и сигурноста на граѓаните.

По завршување на средбата, министерот Оливер Спасовски и неговиот австриски колега, Сојузниот министер Герхард Карнер имаа изјави за австриските медиуми при што уште еднаш ја потврдија традиционално добрата соработка помеѓу двете министерства и двете земји, како и заложбите за продлабочување на истата, со уверување дека ќе продолжи во континуитет со несмален интензитет.

Спонзорирано: