Импликациите од актуелната енергетска криза во земјите од Западен Балкан и во поширокото соседство и начините за нивно надминување беа во фокусот на првиот панел од Социо-еколошкиот форум кој денеска се одржува во Скопје. Високите претставници од регионот и Европа на воведниот панел насловен „Социјално-праведна трансформација за енергетски самоодржлива Европа“ ги отворија прашањата за импактот од политичките одлуки кои треба да овозможат општествено праведна и енергетска трансформација.
Претседателот на Фондацијата „Фридрих-Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот Парламент, Мартин Шулц, премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски, премиерот на Косово Албин Крути, поранешната министерка за надворешни работи на Шведска – Ан Линде, професорката од скопскиот Универзитет „Кирил и Методиј“ – Христина Спасовска и Генералниот секретар на Социјалистичка партија од Албанија, Дамијан Ѓикнури, дискутираа за потесна соработка меѓу европските прогресивни лидери со цел јакнење на безбедноста, одржливост на економиите и надминување на недостигот на фосилни горива во Југоисточна Европа.
Во тој контекст, Мартин Шулц ја потенцираше важноста и итната потреба од социјална и еколошка трансформација на земјите од регионот, нагласувајќи ја можноста за блиска соработка со европските институции при имплементација на политиките од сферата на животната средина, со цел поефикасно надминување на предизвиците во контекст на зелената агенда. Шулц: „Потребни се глобални решенија, а истовремено сведочиме дека структурите и институциите кои ни се потребни да дојдеме до глобални решенија се ослабнати. Потребна е меѓународната соработка, особено улогата на ООН која е под закана, особено тешко е да се дојде до заеднички обврзувачки заклучок меѓу светските учесници. Советот за безбедност на ОН се наоѓа во апсурдна ситуација со оглед на тоа дека државата која ги предизвикува проблемите може да ги блокира одлуките како што е случајот со Русија која ги прекршува меѓународните правила.“ Шулц смета дека тоа е причината зошто државите се свртени кон национални решенија што доведува до хетерогена ситуација. „Мора политички да инвестираме се’ што е потребно во оваа социјално-еколошка трансформација, треба да им се каже на граѓаните дека ќе дојде до промени особено заради војната во Украина која директно влијае врз порастот на цените на енергенсите и храната, и затоа ни требаат долгорочни стратегии ако сакаме да се справиме со овие проблеми.“
Поранешниот претседател на Европскиот Парламент од Форумот испрати порака до Европската Унија: „ЕУ мора да сфати Европа не се само членките на ЕУ, Европа е и Обединетото Кралство и земјите од Западниот Балкан кои се надевам ќе бидат идни земји членки на ЕУ. Сите тие мора да бидат вклучени во стратегиите на ЕУ која има финансиски средства кои треба да бидат одвоени особено за државите погодени од оваа економско-енергетско криза.“ Тој потенцираше дека не смее да има двојни стандардни: „Со оглед на тоа што сум во Северна Македонија можам гласно да кажам дека таа ги исполни сите услови особено со потпишувањето на Договорот од Преспа кој овозможи Грција да го укине ветото за отпочнување на преговорите со ЕУ, но потоа следуваше вето од Франција и ова не смее ова да се повтори.“
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски ја поздрави можноста да се разговара на оваа клучна тема не само во регионот и во Европа, туку на глобално ниво. Коментирајќи ги предизвиците при социјално-еколошка транзиција тој посочи дека најголемиот удар врз дисбалансот на пазарот на електрична енергија дојде после руската агресија на Украина, при што дојде до недостаток на енергенси во Европа, пред се гасот од кој зависеше и цената на електрична енергија, меѓутоа и снабдувањето со електрична енергија. „Она што мислам дека треба да се направи се три принципи: соработка, инвестиции и солидарност. Во услови на криза секогаш е добро да се инвестира и тоа да се искористи при трансформацијата.“ Тој се осврна и на соработката меѓу ЕУ и земјите од ЗБ и преку заедничкиот пазар и пакетот помош кој беше наменет и за земјите од регионот, што претставува добар пример на соработка.
Косовскиот премиер Албин Курти зборуваше за тоа дека надминувањето на сложени проблеми бара градење силни сојузништва за да се изградат отпорни општества во Европа и пошироко. „Енергетската криза може да се надмине само ако бараме регионални решенија, а не секоја држава сама за себе. Косовската влада ги поставува новите основи за идниот енергетски сектор со цел да обезбеди чиста енергија, систем кој ќе овозможи социјално-праведна транзиција. Работиме на интегрирање на пазарите, за нас е особено важна интеграцијата со албанскиот енергетски пазар.“ Курти појасни дека сите држави се во процес на енергетска транзиција и трансформација и дека сите треба да обезбедат правична трансформација, а за Косово потенцираше дека треба да води сметка особено за работниците од електраните кои работат на јаглен и никој да не биде оставен незаштитен. Курти: „Во основа секоја политика треба да биде насочена кон социјална правда, треба да имаме енергетска политика која ќе обезбеди енергија која граѓаните можат да си ја овозможат и нивно активно учество на енергетскиот пазар. Во блиска иднина планираме да дојде до поставување на соларни панели, ефикасни системи за греење во домаќинствата кои се базираат на соларна енергија. Треба да се зголемат инвестициите во енергетско ефикасни домаќинства.“
Поранешната министерка за надворешни работи на Шведска, Ан Линде стави акцент на социјалната кохезија како клучна компонента при создавање на социјална рамка која ќе гарантира инклуизивност во општествата каде економско-енергетската криза најмногу ги погодува социјално ранливите групи. Таа нагласи дека прашањата за животната средина и безбедност постојано имаат зголемен интерес. „Социјалниот развој мора да биде главна компонента во тој процес. Потребна е целосна трансформација на нашите општества, особено во Југоисточна Европа каде предизвикот е уште поголем. До 40% од населението во овие земји не можат да ги затоплуваат своите домови. Климатската транзиција е најважниот предизвик бидејќи има социјални и економски последици, што значи ќе влијае врз секојдневието на граѓаните особено во контекст на работните места.“ Линде подвлече дека транзицијата мора да гарантира место за граѓаните на работниот пазар и од таму праведната-транзиција мора да ги земе предвид и новите вештини кои треба да се обезбедат за да се дојде и до нови работни места, со оглед на фактот дека многу ќе бидат и изгубени. „Прогресивното движење може да биде најважната сила во постигнувањето на праведната транзиција, не гледајќи на енергетската транзиција како на непријател.“ – заклучи поранешната шведска министерка за надворешни работи, Ан Линде.
Професорката од Универзитетот „Кирил и Методиј“, Христина Спасевска се осврна на социјално-праведната транзиција, дефинирајќи ја како здружување на сите актери кои можат да придонесат за правичен регионален развој во индустријата, јавната администрација, владата, граѓанското општество и други кои ја споделуваат оваа цел. „Сите тие треба да ги здружат силите за да работат заедно, со цел да ги најдат најдобрите начини за нивните региони и заедници и да создадат квалитетни работни места. Овој модел може да се користи за трансформација на енергија од фосилни горива – до обновливи извори на енергија.“ – истакна Спасевска.
Генералниот секретар Ѓукнури нагласи дека она што го прави Албанија не е поразлично од предизвиците на другите земји: „Албанија зависеше само од еден извор, хидроенергијата, што претставува ранливост во овие кризни времиња – тоа ја нагласи важноста од потреба од повеќе извори на енергија. Главната политика на сите земји од регионот и Европа треба да биде комбинирање на тие различни извори со што би станале и компетитивни на енергетскиот пазар.“
Социо-еколошки форум (СЕФ) во организација на Фондацијата „Фридрих-Еберт“, „Олоф Палме“ меѓународниот центар и Прогрес – Институтот за социјална демократија се одржува на 22 ноември 2022 година во Скопје.