22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

„Реплек АД“ инвестира 43 милиони денари во фотоволтаична централа – 40% од потребите за електрична енергија од обновливи извори

По инвестициите во нов погон за производство, „Реплек АД“ го продолжува развојниот циклус во модернизација на работењето и имплементација на иновативни решенија. Дел од производството на компанијата ќе се снабдува со обновлива енергија преку новата фотоволтаична (соларна) централа чија изградба е целосно финализирана. Во овој значаен проект компанијата инвестираше 43 милиони денари, а инсталираната моќност изнесува 948.29 kWp. Со оваа инвестиција над 40% од вкупната потрошувачка на електрината енергија на компанијата се заменуваа со сончева обновлива енергија.

Меѓу другото, новата соларна централа ќе придонесе за намалување на C02 емисиите, а значително ќе влијае и на намалување на трошоците за енергија на компанијата.

„Оваа инвестиција е дел од нашата стратегија, која ќе резултира со создавање на нови можности за развој, унапредување на работењето на „Реплек АД“ во сите сегменти. Инвестицијата директно ќе придонесе за оптимизација на трошоците, зголемување на конкурентноста на нашите продукти и зајакнување на нивните позиции на пазарите. Намалувањето на трошоците, што во услови на енергетска криза е од големо значење, ќе ни овозможи насочување на средствата во други проекти со што ќе создадеме нова вредност за нашата компанија, за купувачите, акционерите и за домашната економија“, истакна Душан Пецовски, претседател на Управниот одбор на „Реплек АД“.

Покрај инвестициите во нови развојни проекти, „Реплек АД“ го зајакна присуството на своето портфолио на пазарите во Европската унија, ја прошири и соработката со земјите членки на Асоцијацијата на југоисточните азиски нации (АСЕАН), а работи и на зајакнато позиционирање на домашниот и регионалните пазари.

„Реплек АД“ е извозно ориентирана компанија која на странските пазари пласира 75 отсто од своето производство. Производите на компанијата се присутни на повеќе од 25 пазари во целиот свет. Меѓу нив, покрај оние на земјите од ЕУ, се и пазарите на Русија, Азербејџан, Казахстан, Молдавија, Грузија, Виетнам и други.

„Реплек АД“ вработува околу 500 лица, а компанијата е основач и на „Реплек Фарм“.