23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАСТАВМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Новиот ветар од Калето

 Пишува: Зоран Иванов 

Задува ново ветре откај Калето. Не толку одамна го испудивме Прибе, на Бејли мандатот му заврши но еве нова извесност за македонската сегашност и за нашата блиска иднина. Новото лице се вика Анџела Агелер. Новата американска амбасадорка во Република Северна Македонија.

Можеме да негираме, можеме да игнорираме колку што сакаме но фактите говорат дека странците, многу повеќе од нашите политичко партиски елити, се грижат за нашата држава. Најнакусо, нај елементарната констатација би била дека доколку не ни се плеткаат странците во нашиве овдешни ендемски ујдурми, доколку меѓународниот фактор не ни е инволвиран во нашето политичко секојдневие, државава одамна ќе ни отидеше јабана.

На времето така беше со ООН кога доколку на кревката, на новата држава, на новиот меѓународен државен субјектне како фиром, нефиром, сеедно, токму под влијание и  сугестии на странските добронамерни дипломати, а наспроти мимикричните колебања на овдешните партиски популисти и квазипатриоти, сепак тогашното државно водство се одважи и државата ни стана дел од современиот свет институционално етаблирана во меѓународната заедница.

Така беше и со грчката економска блокада, пак странците. Така беше и со рамковниот, пак тие. Така и со пржинските еден и два, и со пржинскиот дваипол. Така и со преспанскиот и со НАТО. Така се случи и сега со францускиот. Пак странски пријатели не`поттурна на ЕУ патот.

Пак меѓународната, пак онаа добронамерната на која често и со право сме и лути поради некои нејзини стратегиски и геосратегиски интереси и поради некои нејзини дневни себичности што кај нас не ретко го нагрдуваат чувството за неа. Па, сепак, како и да завртиш, секогаш кога ние овде ќе се заплеткаме во некаков наш овдешен етнички или криминоген проблем, кога ќе се запизмиме меѓусебе и кога политичката корупција и локалната мафија ќе се здружат и кога мамето и`го расплачуваат на државата, кога кај партиските водства ќе надвладеат племенските судири за пленот наречен државен буџет и кога и судството ќе се заплетка во коруптивни зделки со македонската олигарска мафија, кога на државава и се заканува целосна институционална блокада и тогаш пак странците. Пак тие како празна кофа ќе не`извлекуваат од дното на нашиот пресушен бунар.

Цели три децении самостојна Македпнија талка од проблем во проблем, од криза во криза, од конфликт во конфлит за конечно периодов да стапнеме на европскиот пат. Колку долго простум ќе дремеме на него без да го направиме првиот чекор, пак зависи од странците. Од посветеноста на меѓународната и натаму да ги совладува овдешните пубертетски меѓупартиски инаети,  да го подзамете одронот на нашиот европски пат сега олицетворен во водството на најголемата опозициска политичка партија и наспроти партиските инаети, како и досега да продолжи да не`туркаат во прогрес.

Со надеж за таква мисија во одаите на Калето се всели новата американска амбасадорка. Русата Агелер дојде во Скопје со папката акти потпишани од нејзиниот претседател во кои има непополнети места на црната листа и декрети за мафиите и за политичките корупции. Веќе на првиот нејзин јавен настап падна и првата „пресуда“ за матниот избор на новиот шеф на обвинителството за организиран криминал.

Па ако по утрото денот се познава, галиба бргу ќе почнат да се „тркалаат“ зовриени политички глави. Америкнката најави дека во Република Северна Македонија е дојдена во добронамерна дипломатска мисија. Да им помогне на македонските прогресивни сили да ги скротат партиските популистички зезанции, да ја маргинализираат корупцијата, да го потсредат правосудството, да го по демократизираат општеството.

Патем, таа не заборави да потсети и дека во изминативе три децении нејзината САД во нашата Македонија вложила милиони долари за унапредување на демократијата, човековите права, судството, безбедноста, владеење на правото, јакнење на институциите и дека стасало времето за отчет за ефектите од инвестирањето.

Новата македонска надеж е во Анџела Агелер Во нејзината енергична посветеност да помогне да се справиме со овдешните моќници олицетворени во мангупите во политиката, правосудството, бизнисот и со нивните корумпирани пајташи распослани по партизираните македпнски институции.

Дисциплинирањето почнува со новиот ветер од Калето.

извор Civilmedia.mk