Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+Македонија

Сопругата на претседателот се обрати на настан по повод Светскиот ден на дијабетесот

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на настан по повод одбележувањето на 14 Ноември – Светски ден на дијабетесот што се одржа во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје.

Настанот што се одржа под глобалното мото „Едукација за заштита на иднината“ е во организација на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК и има за цел да пренесе порака насочена кон интензивирање и сеопфатност на едукацијата и информираноста во поглед на дијабетесот.

Во рамки на настанот беше реализирана детска креативна работилница, на којашто децата заедно со двајца тренери психолози по Гешталт Арт терапија користејќи разни техники изработија голем постер со кој ја пренесоа пораката за потребата и пристапот до едукација за ова заболување. На настанот беше промовиран и едукативно-информативниот портал „Инсулинска порта“.

Во своето обраќање сопругата на претседателот истакна дека институционалната соработка и креирањето на простор во кој ќе бидат пласирани релевантни информации се главниот извор за подигнување на јавната свест за детскиот дијабетес во нашата држава. Ѓоргиевска упати апел до сите релевантни институции да ги ислушаат и да одговорат на потребите и предизвиците на децата со дијабетес и нивните родители, не само заради солидарноста која е нужна, туку и заради обврската и должноста што тие институции ја имаат кон секој наш граѓанин.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска.

Почитувани,

Почестена сум да бидам денес со вас и вашите дечиња за заедно да го обележиме овој важен ден, 14 Ноември, Светскиот ден на дијабетесот. На почетокот сакам да потенцирам, дека ја имате мојата целосна поддршка во вашата заложба за јавно говорење, континуирано едуцирање и квалитетно справување и превенција на дијабетесот.

Нужната потрага по одговори поткрепени со квалитетно и релевантно едуцирање доведува до објективно разбирање и расчистување на дилемите и стравовите кои ги имаме за сопственото и за здравјето на нашите најмили. Соочувањето со предизвиците на ваков начин е од исклучително значење кога станува збор за состојба со која човекот мора да живее, како што во случајот е состојбата со дијабетесот. Во овој контекст е и мотото за глобално обележување на Светскиот ден на дијабетесот „Едукација за заштита на иднината“, кое освен што цели кон успешно превенирање на дијабетесот и последиците кои произлегуваат од него, цели и кон воспоставување на стандарди кои гарантираат квалитетен живот на секое лице со дијабетес.

Верувам дека секој од нас тргнувајќи од сопствените искуства дошол до констатацијата дека постојаната едукација, стекнувањето со веродостојни и исцрпни информации, се оној суштински начин кој што гарантира квалитетното справување со било каков проблем. Така е и кога станува збор за дијабетесот. Без разлика дали говориме за дечињата со дијабетес тип 1 или тип 2, императивно прашање е ваквиот вид на едукација да биде континуиран приоритет, како за нив самите, за нивните родители, но и за системот, односно институциите кои што се инволвирани во грижата за здравјето на дечињата, па дури и за оние кои што се грижат за нивно воспитание и образование. Институционална соработка и креирање на простор во кој ќе бидат пласирани релевантни информации се главниот извор за подигнување на јавната свест за детскиот дијабетес во нашата држава. Во овој контекст верувам дека и едукативно-информативниот портал „Инсулинска порта“ ќе успее да го креира овој простор.

На крајот дозволете ми да ја изразам мојата лична поддршка и почит кон вашите напори и кон вашата благородна борба за здрав и безгрижен живот на децата со дијабетес. Патот на постојаното едуцирање можеби е макотрпен, но сосема извесно е оној вистинскиот што води успех. Се разбира би сакала уште еднаш од ова место да упатам апел до сите релевантни институции да ги ислушаат и да одговорат на потребите и предизвиците на децата со дијабетес и нивните родители, не само поради солидарноста која е нужна, туку и заради обврската и должноста што тие институции ја имаат кон секој наш граѓанин.