3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Меморандум за соработка помеѓу ЗНМ и МРТ: Постојани обуки за новинарите и снимателите во јавниот сервис

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Македонската радио телевизија (МРТ) потпишаа Меморандум за соработка кој претставува заедничка согласност за реализација на заеднички активности во рамките на годишните планови за работа согласно стратешките цели.

ЗНМ и МРТ по завршување на заедничката обука за новинари и медиумски работници која се одржа во септември месец, утврдија дека постои простор за соработка во насока на унапредување на капацитетите на новинарите во јавниот сервис, нивно вмрежување и зацврстување на меѓусебната соработка.

Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ изјави: „Ја поздравувам идната соработка помеѓу ЗНМ и програмските сервиси на телевизијата и радијата. Тоа што е значајно е дека со овој меморандум се обврзуваме во периодот што е пред нас и наредните неколку години да реализираме постојани обуки за професионализација и постојано надградување на стандардите во работењето на вработените во Mакедонската телевизија како предуслов постојано да се крева квалитетот на содржините, но и на градење на капацитетите на МРТ. Со овој меморандум ние се обврзуваме овие обуки да се држат четири пати годишно, што е навистина значајно, не само во кревање на стандардите на новинарската професија, туку и во кревање на духот на тимското работење во рамките на редакциите. “

Анета Андонова, одговорен уредник на првиот програмски сервис на МРТ рече: „Потпишувањето на овој меморандум е во корелација со улогата и мисијата на јавниот сервис, а тоа е да го поддржува секој облик на аудиовизуелно медиумско творештво, притоа да понуди веродостојност, квалитет и транспарентност во своите содржини. Во тој контекст соработката помеѓу јавниот сервис и ЗНМ која е веќе долги години заокружена со едно вакво писание ќе ни овозможи да ја продлабочиме соработката која ќе ни помогне да ги засилиме капацитетите и да работиме заедно на зголемување на професионалните капацитети“.

Одговорната уредничка на вториот програмски сервис на МРТ Мигена Горенца во однос на потпишувањето на меморандумот кажа: „Се надевам дека ваквите обуки ќе им помогнат особено на младите новинари да разберат што значи да се биде новинар во јавниот сервис кој треба да продолжи да го има приматот. Токму затоа соработката означена со овој меморандум со Здружението на новинарите на Македонија е исклучителна важност за да се примени искуството во пракса на двете страни за да можеме да продолжиме да го правиме она што го правиме со години, а тоа е да бидеме најдобри на етерот“.

Еран Хасипи, одговорниот уредник на четвртиот програмски сервис: „Би сакал тука да потенцирам дека како јавен сервис кој што инвестира во технологијата за реализација на нашите емисии, потребно е да инвестираме и во професионалните и човечки ресурси бидејќи ние како јавен сервис имаме огромно искуство во новинарската фела. Така што колку оваа соработка ќе придонесе за колегите новинари во МРТ, толку ќе биде значајна и за новинарите во приватните медиуми, бидејќи навистина јавниот сервис е историја на оваа држава и медиумскиот сектор. Би сакал да потенцирам дека првпат како уредник на МРТ 4 првпат присуствувам на ваков состанок. Ние како другите етнички заеднички што емитуваме програма на друг јазик, во случајов турска програма која се емитува над 60 години во Македонска телевизија, ќе има огромно значење потпишувањето на овој меморандум и за нас како редакции на турски, српски, влашки и босански јазик, така што овој монет е навистина важен за да се зближиме со нашите колеги во телевизијата и да функционираме заедно. Искуството да се претвори во предност што ќе придонесе да се креира многу поквалитена програма во МРТ, но и кај останатите телевизии кај нас “

Меморандумот за соработка беше потпишан од Младен Чадиковски како претседател на ЗНМ од една страна, Анета Андонова, Мигена Горенца и Еран Хасипи од друга страна како одговорни уредници на првиот, вториот и четвртиот програмски сервис на Македонската радио телевизија.

Спонзорирано: