25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

ЧЕСТИТКА ОД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ДО СВЕТСКАТА ШАМПИОНКА ОЛИВЕРА НАКОВСКА БИКОВА

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски и го честита големиот успех на нашата сограѓанка Оливера Наковска Бикова, по освојувањето на златниот медал на Светското првенство во стрелаштво кое се одржува во Ал Аин, Обединети Арапски Емирати.

„Почитувана Оливера Наковска Бикова,
Ви го честитам освојувањето на златниот медал на Светското првенство во дисциплината „Пиштол слободен избор 25 метри“. Она што громогласно одекна во медиумите, беше веста за Вашиот голем успех, откако сте постигнале одличен резултат и во квалификациите со освојување на второто место, а веќе во финалето го постигнавте и најдобриот резултат во кариерата.

Со овој успех во светски рамки одекнува Вашето име, името на градот Битола и името на нашата држава Македонија. Овој Ваш резултат е поттик и стремеж за многу идни генерации, чиј пример на упорност и заложби треба да го следат од Вас.

Со Вашиот нов успех, повторно докажавте дека годинава, едногодишната награда „4 Ноември“ за достигнувања во областа на спортот, отиде во вистински раце.

Општина Битола и натаму ќе биде Ваш поддржувач, со желби Вашите успеси, кои веќе се историски, да се надоградуваат и да бидат уште побројни. Битола и битолчани, но и јас како градоначалник, сме особено горди на Вашите постигнати резултати.

Ви посакувам уште долго да имате цврста рака, која ќе ги погодува метите со сигурност, на патот на уште многу Ваши златни светски и олимписки одличја“, стои во честитката на градоначалникот Тони Коњановски, упатена до Оливера Наковска Бикова.