Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+CentarМакедонијаВо тренд...

Бара избори, а не нуди решенија и програма, Мицкоски очигледно е исплашен за својата фотелја

Христијан Мицкоски не престанува со барањето за предвремени парламентарни избори, што можеби го прави единствениот политичар во регионот кој во време на енергетска и економска криза наместо да понуди помош и решенија, бара изборно соочување.

Легитимен начин на дејствување на секоја опозиција е да ја турне владата и оттаму и барањата за предвремени избори се легитимен начин на дејствување на секој опозициски лидер.

Но колку е тоа одговорно кон граѓаните и државата во време кога низ целиот свет во сите држави и власта и опозицијата максимално заеднички се ангажираат во справувањето со кризата.

Што нуди Мицкоски како решенија за излез од кризата?
Иронично или не, Мицкоски вели дека само промена на власта и доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ е решение за излез од кризата, без при тоа да каже како ќе се справи со последиците, какви мерки ќе донесе и од каде ќе обезбеди пари за нивна реализација.

Пред нешто повеќе од еден месец, Мицкоски се сретна со премиерот Ковачевски носејќи со себе како што тој велеше „контакти“ кои ќе обезбеделе двојно поевтини енергенси за државата.

Оттогаш па се до денес, тие контакти на Мицкоски, не носеа некои значајни придобивки за државата, а и самиот Мицкоски веќе одамна не ги споменува.

Но затоа, синоќа во интервју кажа дека се чувствувал многу пријатно што заедно со своите пратеници успеал да спречи заем од ЕБОР од 100 милиони евра наменети пред се за АД ЕСМ и полесно справување со енергетската криза.

Владејачката СДСМ остро го напаѓа овој потег на Мицкоски, оценувајќи дека тој лажел кога велел дека поради таквиот заем ќе се затвореле енергетски капацитети низ државата.

Сума сумарум, Мицкоски навистина тврди дека самото доаѓање на ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе значи излез од кризата.

Предвремени избори значат и привремена блокада на државата
Доколку Мицкоски успее да издејствува предвремени избори и Собранието би се распуштило уште денеска, изборите би се одржале по 100 дена, односно кон крајот на месец февруари.

Согласно изборниот законик и Договорот од Пржино, тоа е период во кој треба да функцонира техничка Влада со крајно ограничени можности за работа и со распуштено Собрание.

Одредбите од законот се доста строги кога е во прашање функционирањето на Владата во предизборен период, со што е невозможно носење на нови мерки, исплата на субвенции и друг вид на помош кон граѓаните, што во суштина значи дека институциите ќе бидат на „принуден одмор“.

Таквата состојба не завршува со денот на гласање, туку трае се до формирање на нова Влада за што е потребен уште еден дополнителен месец.

Тоа значи повеќе од четири месеци блокирана држава и тоа во период кога мерки и решенија се носат од ден за ден, согласно светските случувања во време на глобална криза.

Сума сумарум, изборите не само што можеби нема да бидат решение, туку сигурно ќе бидат и нов проблем.

Барањето избори како механизам за спас на фотелјата на Мицкоски
Веќе извесен период се зборува дека Мицкоски е сериозно исплашен за својата позиција како прв човек на ВМРО-ДПМНЕ и тој страв доаѓа од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ особено во големите општини, каде градоначалниците веќе успеаја да изградат и своја партиска структура.

Градоначалници особено од големите и важни општини имаат и високи партиски функции додека Мицкоски освен што беше шпицен кандидат за премиер, сега е само лидер на партија која има 42 градоначалника и ја предводи локалната власт во најголем дел од општините.

Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ имаат голема автономија во своето дејствување, па можеби и затоа Мицкоски им виси над глава, појавувајќи се на општински настани каде нема никакво својство освен да биде блиску до градоначалниците.

Имајќи ја предвид таквата поставеност, нема да изненади ако некој од градоначалниците изрази отворена амбиција да го смени Мицкоски особено што тој не успеа да создаде ново парламентарно мнозинство а и ги загуби последните локални предвремени избори во неколку општини.

Оттаму, може да се заклучи дека Мицкоски со барањето предвремени избори се обидува да го намали притисокот внатре во партијата и со приказната дека само што не дошол на власт, да се одржи колку што може повеќе на челната позиција во партијата.

извор 24инфо.мк