26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Како граѓаните да поверуваат дека институциите навистина штедат во време на криза?

Процес на вакцинација, отпорност кон теориите на заговор, мерки за штедење… Кризите со кои се соочува светот изминативе години на голема врата покажаа дека доброто управување, а особено професионалната комуникација на властите со граѓаните игра клучна улога во (не)успешноста на справувањето и надминувањето на ваквите кризни состојби.

Владата пред неколку месеци донесе одлука со која ги задолжи сите јавни институции да обезбедат заштеда на електрична енергија од 15 проценти, а истовремено и голем дел од општините јавно објавија кои и какви мерки за штедење започнуваат да применуваат во услови на енергетска и други кризи.

Од друга страна, во јавноста сведочиме и за растечка недоверба и дилема дали институциите на централно и локално ниво навистина се рационални во овие времиња и спроведуваат конкретни мерки за штедење или, пак, тоа е само јавна заложба на која нема да се опстои.

Од овие причини, Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) дава едноставен предлог за почеток на надминување на овој јаз и градење на доверба помеѓу јавните институции и граѓаните, мост кој е повеќе од неопходен во време на сериозни кризи кои ја засегаат секоја личност:

Изработка на дигитална апликација која на едноставен начин ќе покаже колку секоја институција навистина штеди на месечно ниво. Оваа апликација би се изработила како заедничка платформа за сите јавни институции на централно и локално ниво, а би била креирана во соработка со ИТ секторот во земјава.

Дигиталната апликација би содржела едноставни и лесно мерливи параметри: пр. Колку киловати струја или метри кубни вода одредена институција потрошила во октомври 2021 година, а колку истата институција потрошила овој октомври 2022 година. Понатаму, колку пари за репрезентација биле потрошени истиот месец годинава споредено со истиот месец лани итн.

Апликацијата би се ажурирала на месечно ниво, потребно да биде достапна и отворена за сите, а граѓаните и медиумите на овој начин ќе можат лесно и во секое време да проверат и да се уверат дека институциите ги почитуваат мерките и се однесуваат одговорно со заедничкиот буџет и пари, особено во време на кризи.

„Јавните институции е неопходно да го дадат првиот пример за одговорност и штедење пред да побараат од сите останати да преземат нешто такво. Само на таков начин ќе може да почне да се враќа довербата на релација граѓани-институции, како и да се спроведат какви било мерки за штедење. Нема алтернатива на транспарентноста на институциите, особено во дигитално време кога сите јавни податоци треба да се достапни во секое време од денот“, вели Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП.

Институтот ќе ја поднесе оваа иницијатива и до државниот врв, како и други надлежни институции и организации.