4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Мицкоски и Арсовска ветуваа модерно и европско, а ни сместија тендерско и партиско Скопје

Христијан Мицкоски во телевизиско гостување деновиве безрезервната поддршка од кампањата ја правда со тоа дека верувал во капацитетот на Данела Арсовска и на нејзиниот концепт за Скопје, но сега, по само неколку месеци се разочарал. Притоа, низ интервјуто тој не сакајќи како призна дека разидувањето меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ е поради непочитување на тендерските договарања од пред изборите.

„Сум верувал во тој концепт. Ако тоа е грев, што сум верувал во концептот на независен кандидат, кој доаѓа од бизнисот, со успешна аура во јавноста. Сме застанале, сме го поддржале и победил тој кандидат на изборите. Тоа што претходно сме договориле, а не исполнува, тоа е друга тема“ рече Мицкоски при неговото гостување на ТВ21. Но, што договориле, а таа не исполнува? Дали уште пред ВМРО ДПМНЕ да ја даде поддршката за наводно независната кандидатка тие договориле кој тендер кому ќе припадне, и чиј дел колкав ќе биде? Ама сега после се, кога јавноста посведочи дека се прават местенки за тендери, полесно им е да се конфронтираат отколку двајцата да прифатат вина.

Со ваквите меѓусебни јавни расправии и обвинувања, Арсовска и Мицкоски како да им потврдија на граѓаните дека нивна единствена цел во политиката се исполнување на личните интереси и нив ги ставаат пред интересите на граѓаните, кои деновиве останаа загрижена публика заради несериозноста на двајцата, но и заради опасноста дека Арсовска многу брзо покажа дека не е на ниво на задачата.

Македонската јавност е сведок на јавното политичко раскинување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Откажувањето на поддршката од опозициската партија кон градоначалничката доаѓа по објавувањето на скандалот со тендерот за пречистителната станица во Скопје, во ЈП „Водовод и канализации“.

Арсовска разреши неколку директори, кадри на ВМРО-ДПМНЕ и ги обвини дека се обиделе да го наместат тендерот, додека слични обвинувања и негодување кон нејзината работа дојдоа од другата страна. И тоа таквите обвинувања ја надминаа пристојноста на политичката дебата, па граѓаните со неверување ги слушаат и навредите и повиците за оставки.

За нецела година, Арсовска неколкупати ги промени директорите на важните градски институции, што само покажува дека утнала во изборот на кадрите и менаџирањето на градот. Или пак, слепо верувала во кадровските понуди на ВМРО ДПМНЕ. Сега, по јавната разделба со ВМРО-ДПМНЕ, институциите на Град Скопје повторно остануваат без директори, со што станува јасно дека Скопје во мандатот на Арсовска тешко дека ќе види реализација на некој голем проект од нејзината програма.

Наместо да се занимава со реалзиација на капиталните проекти, кои ќе донесат подобро за сите жители на Скопје, а за кои треба тим, кој таа го нема, Арсовска изминатата година е фокусирана на лични проекти, од кои корист веројатно имаат само малкумина. Нема ни трага од модерното Скопје кое го ветуваше во кампањата, а како градоначалничка, поради лични каприци, напушти и проекти поддржани, одобрени и целосно финансирани од Европската банка за обнова и развој.