14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

СДСМ: Сé што кажа Мицкоски излезе обратно, барањето за референдум е фарса

Од партијата на власт оценуваат дека сите лаги на антиевропската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ потонаа.

„Нема бугаризација и асимилација, туку почеток на преговори за членство во Европската унија, со заштитен македонски идентитет, со чист македонски јазик. Европската Унија нѐ прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите, идентитетски, историски и културни особености. За ова ниту се преговара, ниту ќе се преговара.
Мицкоски умееше да ги заплашува граѓаните и со федерализација и кантонизација, дека ќе плаќаат казни ако не научат албански јазик, дека на сто илјади беглаци ќе им се дадат државјанства и со што уште не“, се наведува во нивната реакција.

Сé што кажа Мицкоски, додаваат од СДСМ, излезе обратно.

Сега кога државата, по 17 години чекање ги започна преговорите за членство во Европската унија, Христијан Мицкоски, потсетуваат од СДСМ, бара референдум против заклучоците на Собранието, усвоени со 68 гласа „за“ и ниту еден против, бидејќи пратениците на Мицкоски не смогнаа сили ниту достоинство да гласаат „против“ во македонското Собрание, туку побегнаа.

„Добро е познат односот кон референдуми на ВМРО-ДПМНЕ. Бараа референдум и за Договорот од Преспа, па го бојкотираа. Собираа потписи за референдум против пописот па на крајот се откажаа и од тоа. Последното барање на Мицкоски за референдум против заклучоците на Собранието против чиста формулација на македонскиот јазик во ЕУ, не е ништо друго освен негова фарса наменета исклучиво за негови внатрепартиски потреби“, се нагласува во соопштението од владејачката партија.

„Мицкоски и неговиот проруски партнер Апасиев останаа изолирани на погрешната страна на историјата, против Европската унија, против стратешките определби на земјата и граѓаните. Нивната антиевропска коалиција се обиде не само да ги блокира евроинтеграциите, туку и да ја дестабилизира државата со насилни протести и крвави сценарија“, се додава во напишаното.

СДСМ, велат од таму, заедно со граѓаните тоа нема да го дозволи. Референдум против македонски јазик во ЕУ нема да поддржиме.