Министерот за правда Никола Тупанчески смета дека недонесувањето на Законот за работни односи ќе доведе до сериозни импликации на судскиот систем. ,,Доколку не бидат изгласани измените и дополнувањата во Законот за работни односи, на 60-тина судии и 13 јавни обвинители ќе им престане работниот век.Одењето во пензија на судиите и јавните обвинители ќе значи дека голем дел од постапките ќе треба да почнат одново. Да не заборавиме, не се работи за една или за две постапки ,кога се менува судијата во постапката тогаш процесот започнува одново. Тоа е првата работа.
Тука се разбира како даматлов меч ни виси и институтот на застареност, дел од постапките коишто се во тек или кои што се движат може да имаат одредена застареност во однос на нивниот правен епилог,, изјави Тупанчески.Според министерот инсуфициентноста на судиите и јавните обвинители е комплексна проблематика и затоа во опција имало три решенија. Едниот предлог за решавање на актуелниот проблем бил да се даде можност на лица коишто имаат одредено искуство во сферата на правосудството како што се адвокати, стручни соработници со пократка обука да бидат дел или да бидат решение од овој проблем.
Втората опција била да се зголеми бројот на слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, како некој вид на бајпасирање на актуелната состојба и третата опција е со измени на Законот за работни односи да се продолжи за три години работниот век на судиите и јавните обвинители. За првпат во историјата на државата се случува во еден ваков момент волку голем број на судии и јавни обвинители да одат во пензија, рече Тупанчески одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Регионалниот форум на тема „Хашката конвенција 2019-Очекувања за Западен Балкан”.