Во услови на светска криза која директно ја погодува и нашата земја, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) навремено креираше мерки за поддршка на земјоделците во широк консултативен процес со земјоделците, нивните здруженија и земјоделските експерти.
Како резултат на тоа, во текот на месец април 2022 година од страна на Владата беше усвоен и Националниот план за производство на храна. Како еден дел од овој План се обезбедени 400 милиони денари финансиска поддршка преку Интервентниот фонд за поддршка при набавка на вештачко ѓубриво, поддршка за сточарите и живинарскиот сектор.
Преку посебен модул се овозможија услови за брзо собирање и обработка на апликациите и брза исплата преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. За таа цел, а врз основа на пристигнатите апликации, во текот на вчерашниот ден се извршени следните исплати на финансиска поддршка:
22.4 милиони денари финансиска поддршка за 1.538 земјоделци за набавка на вештачки ѓубрива. Вкупно до сега за поддршка на земјоделците при набавка на вештачко ѓубриво е исплатена финансиска поддршка во износ од 49,4 милиони денари до 3.288 земјоделци кои аплицирале за оваа мерка.
78.3 милиони денари финансиска поддршка за 223 земјоделци-апликанти за одгледани и заклани гоеници кои се предадени во регистрирани кланични капацитети.
671.000 денари финансиска поддршка за 9 производители на конзумни јајца за одгледување на кокошки несилки.
„МЗШВ останува целосно посветено на земјоделието и да ва поддршка за секој земјоделец. Отворени сме како и досега за сите сугестии, предлози и барања на земјоделците, здруженијата и земјоделските експерти и на тој начин креираме мерки за стабилизирање на домашното производство и обезбедување на храна за сите граѓани. Во тек на реализација се и нови мерки, односно веднаш по усвојувањето на ребалансот на Буџетот за 2022 година се обезбедени дополнителни 500 милиони денари средства во Интервентниот фонд со кои ќе ги поддржиме земјоделците со конкретни мерки и во есенската сеидба. Ги повикуваме сите да ни се приклучат со свој придонес бидејќи Националниот план, односно растот на домашното производство на храна е врвен приоритет за секој наш граѓанин и целата земја“, се вели во соопштението од МЗШВ.