Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје продолжуваат со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот. Денеска во Охрид почна новата превентивна кампања насочена пред се кон возачите на мотори, велосипеди и електрични тротинети „Носи кацига, вози безбедно!“.
„РСБСП во соработка со МВР и Факултетот за безбедност од Скопје ја реализираат кампањата за велосипедисти, мопедисти и возачи на електрични тротинети затоа што во овој временски период зголемен е бројот на учесници во сообраќајот како велосипедисти, мопедисти и возачи на електрични тротинети. Целта на оваа кампања е овие превозни средства да бидат соодветно означени, возачите да ги почитуваат правилата и прописите и задолжително да носат заштитен шлем- кацига, а возачите на електричен тротинет задолжително треба да носат рефелектирачки елек од почетокот на самрак до разденување. Секојдневно сме сведоци на примери кога овие возачи кацигата ја носат на раката наместо на главата. Затоа апелирам на поголема внимателност и одговорност, како и задолжително носење на заштитниот шлем-кацига на главата бидејќи тоа е еден од факторите за заштита на возачите и лицата кои се превезуваат со велосипед, мопед и електричен тротинет, рече претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска
Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот. „ Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првите четири месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првите четири месеци од 2022 година има 26 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 40. Оваа кампања што денеска ја почнуваме е за да влијаеме на свеста на возачите и на тој начин самите да си ја зголемат безбедноста. Ова особено важи за возачите на мотори, но и за возачите на електрични тротинети, кои се се помногубројни. Носењето кацига може да ви го спаси животот. Иако минатата година е најбезбедна во последните 15 години, сепак имаме 11 возачи на мотори кои го изгубиле животот. Доколку ги почитуваме правилата и носиме заштитен шлем оваа бројка значително ќе ја намалиме“,рече Ангеловски.