Околу 40 милиони денари годинава ќе инвестира Министрството за образование и наука за реконструкција на 4 основни училишта на територијата на Гостивар. „Гоце Делчев“ ќе добие нова енергетски ефикасна фасада, за што градежните активности започнаа кон крајот на јануари годинава, додека од февруари во „Фаик Коница“ во Дебреше започната е реконструкција на санитарни јазли и внатрешни ѕидови. И во двете училишта активностите ќе завршат во текот на месец август. А во планот за јавни набавки за годинава предвидена е и реконструкција на основното училиште „Исмаил Ќемали“, како и замена на кров и целосна обнова на кабинетите и работилниците во средното техничко училиште „Гостивар“.
Ова го соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој денеска е во посета на неколку училишта на територијата на општина Гостивар, за која, како што рече, ќе продолжи да биде на инвестициската агенда на МОН и во иднина.
„За оваа Влада вложувањето подеднакво во сите општини, независно дали се урбани или рурални и независно од тоа кој раководи со истите, останува еден од основните принципи во работењето. За нас, сите општини се еднакви и исти, живеат граѓани на Северна Македонија и тие имаат право на подеднаква грижа од страна на институциите на системот“, рече Шаќири за време на посетата на основното училиште „Гоце Делчев“.
Министерот потсети дека во изминатите неколку месеци беа извршени инвестициски активности и во други гостиварски училишта. Во основното училиште „Перпарими“ во јануари годинава заврши реконструкцијата на кровот и санитариите, во гимназијата во градот се изврши санација на санитарните јазли, додека „Фаик Коница“ во Дебреше минатата година доби нова спортска сала од околу 40 милиони денари.
Шаќири рече дека со овие инвестиции голем дел од учениците од оваа општина добиваат подобри услови за едукација, а очекува и локалната самоуправа да даде свој придонес и така со заеднички напори да им се овозможат на младите услови за образование какви што и заслужуваат.