Граѓаните да знаат дека општините во државата не се грижат за нив, измислуваат разно разни финти за да се вратат назад на регулираниот пазар на електрична енергија и заради тоа, само за првите четири месеци имаме трошок од 30 милиони евра, вели Марко Бислимоски.
Манипулациите кои дел од општините во земјава ги правеа во екот на енергетската криза за набавка на електрична енергија по повластена тарифа, може да ја зголемат цената на струјата за граѓаните десет отсто, предупреди денеска првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
„Јас верувам дека Електродистрибуција ќе објави кои се тие општини и граѓаните да знаат дека општините во државата не се грижат за нив, измислуваат разно разни финти за да се вратат назад на регулираниот пазар на електрична енергија и заради тоа, само за првите четири месеци имаме трошок од 30 милиони евра“, рече Бислимоски, одговарајќи на новинарско прашање по Тркалезната маса на тема „Преку праведна енергетска транзиција до одржлив раст и развој“ ќе се одржи во Скопје, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Бислимоски нагласи дека тој трошок од 30 милиони евра значи 10 отсто зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните.
„Тој трошок Регулаторната комисија за енергетика сега ќе го префрли назад кај сите тие општини. Ниту на крај на памет не ми е повторно тој трошок да го преземе Регулаторната комисија за енергетика“, рече Бислимоски.
Во овие 10 отсто не се пресметани трошоците кои ги доставуваат до РКЕ енергетските компании и чинењето на електричната енергија од ЕСМ од што и најмногу зависи крајната цена за граѓаните. Единствен спас за голем пораст на крајната цена ќе биде ЕСМ да обезбеди 100 отсто од потребите на ЕВН.
Дел од компаниите доставиле до РКЕ пресметки за нивните трошоци, а таков документ се чека уште од МЕПСО.
Зборувајќи за промените за начинот на пресметка во сметките за електрична енергија за граѓаните, во зависност од висината на потрошувачката, односно за воведувањето блок-тарифи, првиот човек на РКЕ рече дека се уште се анализира колку групи на потрошувачи ќе има.
„Во зависност дали ќе бидат три или четири блока, некаде очекувањата се движат од 150 до 250 киловат часови за првиот блок само за скапа тарифа, потоа од 250 до 300 – 400 киловат часови, потоа од 400 до 500 … Блоковите се во тие рамки според последните анализи. Правиме анализи според последната одлука и ги распределуваме блоковите во насока да има што е можно поголемо олеснување кај најголемиот дел од домаќинствата, бидејќи тие со екстремно повисока потрошувачка апсолутно ќе имаат зголемени трошоци за електрична енергија“, рече Бислимоски.