Со отворањето на границите и отстранувањето на административните бариери, жителите на Северна Македонија, Албанија и Србија ќе може да работат во трите држави со единствен идентификациски број, без било какви дополнителни процедури.
Ова ќе значи зголемување на конкуретноста на целиот регион за привлекување на инвестиции, но истовремено и зголемување на конкурентноста на пазарот на труд што ќе доведе до раст на платите во трите земји.
Ваквиот договор го потпишаа Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран Заев кон крајот на минатата година, а според националната координаторка за регионална соработка и европски интеграции, Нола Исмајлоска-Старова веќе летово се очекува да се тргнат работните дозволи.
„Договорот за слободен пристап до пазарот на труд е веќе потпишан во декември. Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Агенцијата за вработување (АВРСМ) и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) се веќе во постапка, го подготвуваме протоколот по однос на ова ослободување, во консултација и со МНР и технички лица. Очекуваме веќе летово да се тргнат работните дозволи. Тоа го бараат и фирмите кои веќе имаат развиени соработки во трите држави“ изјави Исмајлоска-Старова за НоваТВ.
Таа објасни дека мобилноста, конкурентноста и инвестиции се услови за раст на секоја економија и дека кога пазарот на труд станува поголем, тоа иницира и борба за квалитет со што природно доаѓа и растот на платите.